Тажна вест: Почина Мирчо Чуков од групата „Интервали“

Мирчо Чуков
Мирчо Чуков / Фото: Фејсбук, „Струмица онлајн“

Вчера ненадејно почина вокалистот и клавијатурист на македонската музичка група „Интервали“, Мирчо Чуков.

Со оглед на тоа што музичарот беше член на политичката партија СДСМ, тажната вест за неговата ненадејна смрт ја соопшти огранокот на СДСМ од Ново Село.

„Изгубивме голем сопартиец, борец, а пред сѐ голем човек! Почивај во мир, пријателе! Сочувство до фамилијата!“, стои во нивната објава на Фејсбук.

Голем број негови пријатели и колеги од естрадата се простија од Чуков, а меѓу нив и пејачот Ѓоко Ѓорчев.

„Драг мој Мирче, почивај во мир. Денес Македонија го изгуби еден од најдобрите вокали, прекрасен човек и другар. Почивај во мир и нека ти биде светол патот до вечноста. Сега да им пееш на ангелите“, напиша пејачот на Фејсбук.

„Интервали“ е македонска поп–група од Струмица, која била формирана во 1974 година. Мирчо Чуков и Снежана Момчиловиќ, како вокали, ѝ се придружиле на групата во 1982 година, а во 1984 година ја направиле првата снимка за продукцијата на радио-телевизија Скопје, за песната „Венчавка“.

Потоа се ределе песните „Ех, да сакаш“, „Плачела“, „Ноќта е створена за грев“, „Те молам немој“, „Дана“, „Ана“ итн. со кои оставија свој печат на македонската музичка сцена.

Во септември минатата година, групата „Интервали“ го имаше своето десетто јубилејно учество на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот