Таравари: Секако дека е опасно што недипломиран студент бил во операциона сала на специјализација, но тоа е сега работа на Обвинителството
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја коментираше ситуација во Гевгелија која ја обзнани „Слободен печат“ каде докторка прво специјализирала анестезиологија, па дипломирала. За Таравари опасно е недимпломиран доктор да биде присутен во операционите сали на специјализација со години.
Секако дека е опасно. Тоа веќе не е работа на Министерството за здравство. Тоа е веќе работа на Обвинителството да преземе одредени мерки да се казнат и да не се повторуваат ваквите случаи. Ние ќе продолжиме со стандардната процедура. Секој што се вработува, обврска е на институцијата да ги побара сите неопходни документи и тие да бидат оригинални, нормално, рече Таравари.
Смета дека проверките што се прават сега во јавните здравствени установи при вработувањето се доволни.
Проверка има секогаш. За да вработите еден доктор и кога вработувате барате лиценца за положен државен испит, уверение за завршен факултет. Секогаш може тоа некој да го фалсификува, не само кај нас се случувало и во многу поразвиени држави да се открие дека некој професионалец впрочем имал фалсификувана диплома или лиценца. Така да секако контролата ќе продолжи, но има и контрола и при вработување. Тоа е стандардна процедура за да се вработи еден доктор или било каков медицински персонал кој работи во здравствените установи, рече министерот за здравство.
Инаку денеска Основното јавно обвинителство Гевгелија оформи предмет по допрен глас и презема дејствија за проверки и обезбедување на докази, велат од Јавното обвинителство за „Слободен печат“.
Како што веќе објавивме, станува збор за случај каде докторка А.А. од 2016 година била примена на работа во болницата во Гевгелија без лиценца од лекарската комора и без завршен медицински факултет. Непосредно по вработувањето во гевгелиската болница, неа Управниот одбор ѝ одобрил државна специјализација по анестезиологија и интензивна нега.
Целиот скандал се расветли, откако докторката А.А. својата прва и единствена валидна лиценца од Лекарската комора за општ лекар ја добива во април 2024, а уверението за специјалист по анестезиологија во јули 2024. Сите што виделе дека меѓу двата датуми има само три месеци разлика, сфатиле дека таа прво „специјализирала“ па потоа дипломирала, што е незаконски и повлекува низа последици и за пациентите. Специјализацијата ѝ е поништена, меѓутоа нејзиното присуство во операциониоте сали изминатите години е неспорен факт!
Причината е во тоа што специјализацијата вклучува практична работа во операциони сали на повеќе клиники. Извори за „Слободен печат“ велат дека А.А. била во салата за породување во Чаир, во самата гевгелиска болница, а кога ќе се види програмата за специјализација јасно е дека морала да биде и во интензивна нега и во други болници во Скопје како дел од нејзината едукација.