ВИДЕО | Докторка од Гевгелија – „доктор“ за фалсификати

„Докторке!“.  Вака ѝ се обраќале и колегите и болните во ЈЗУ Општа болница Гевгелија, каде таа облечена во белиот мантил, во своите раце го држела здравјето и животот на пациентите во ковид пандемијата.

Болницата ѝ исплаќала плата за општ лекар и надоместок за одвоен живот. Но, во сето тоа навидум вообичаено секојдневие, имало еден огромен проблем: таа немала завршено Медицински факултет, туку била вработена како „доктор“ за фалсификати. Ова е приказната за А.А. (име и презиме познато на редакцијата) која од 2016 година е вработена во гевгелиската болница на работното место доктор на медицина, без да има лиценца од Лекарската комора ниту пак завршен Медицински факултет.

„Слободен печат“ истражуваше и ја обезбеди севкупната документација за овој вознемирувачки случај, кој ги разголува аномалиите на системот што потфрла и стрмоглаво тоне. Како краен резултат на тоа системско распаѓање, проневерени се над 120 илјади евра и изиграна е довербата на пациентите.

Вработена во болницата во Гевгелија без лиценца од Лекарската комора

Во папката со документите за вработената А.А. во болницата во Гевгелија, не може да се најде високо-квалитетниот фалсификат на уверението за дипломирање на Медицинскиот факултет во Скопје, приложен во 2016 година. Таа папка денеска е испразнета. Ги нема ни фалсификуваните и измислени оценки од ова уверение. Го нема ни уверението за наводно положен стручен испит пред комисијата на Лекарската комора со кој оваа девојка навистина би станала докторка во 2016 година, како што сакала да мислат другите.

Но, тие неверодостојни документи постојат на други места, во архиви на други институции и од таму ги добивме, од укажувачи. Целиот сет лажни документи дека е наводен дипломиран доктор по медицина, во 2016 година на A.A. ѝ донел бројни „поволности“ – вработување во болницата во Гевгелија како лекар (иако во тоа време била само студент по медицина), докторска плата, а Управниот одбор дури и решил да ѝ ја даде можноста за која многу вистински дипломирани лекари може само да сонуваат – државна специјализација по анестезиологија и интензивно лекување. Една од најодговорните, најризичните, најтешките и најдефицитарните гранки во државното здравство, со која се успиваат пациентите пред операција или „ѝ се помага на судбината“ за тие да се разбудат од неа.

Следствено за докторката без Медицински факултет, болницата повеќе од 5 години по ред одвојувала високи суми, плаќајќи ѝ ја државната специјализација. Основниот услов да се добие државна специјализација е да се биде дипломиран доктор по медицина со лиценца од Лекарската комора и да се биде во редовен работен однос во јавна здравствена установа. А.A., иако не била дипломиран доктор по медицина, освен што се вработила во болницата во Гевгелија, на крајот на 2016 година, со одлука на Управниот одбор била упатена на државна специјализација. Во болницата прашавме, но не ни ги кажаа имињата на членовите на тогашниот Управен одбор кој ја донел оваа одлука.

Болницата во Гевгелија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Паралелно и студентка во Скопје и државна специјализантка во Штип

А.A. специјализацијата ја запишала на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, далеку од Медицинскиот факултет во Скопје, каде истовремено била студентка на општа медицина запишана во 2007 година.

Од неколкуте документи што гевгелиската болница ги испратила на Штипскиот Универзитет, единствениот оригинален и веродостоен бил тој на Управниот Одбор. Во него пишува:

Управниот одбор на седницата одржана на 11 ноември 2016 година донесе одлука за упатување на специјализација по гранката анестезиологија и интензивно лекување на А.A, доктор на медицина. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави на огласната табла на ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

Повеќе од 7 години, оваа жена се претставувала како дипломирана докторка, до степен и самата да си поверува на сопствената приказна, исто како што ѝ поверувале и тие околу неа – болницата со Управниот одбор, комисијата за специјализации, Министерството за здравство, Штипскиот Универзитет, Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Едноставно, ниту една од овие институции не се обратила до Лекарската комора да провери дали навистина кандидатката за вработување која подоцна станала и избрана кандидатка за државна специјализација – има валидна диплома за завршен Медицински факултет. Во архивата на Штипскиот Универзитет, Болницата во Гевгелија испратила само фотокопии од „документите“ за квалификациите на А.А. Такви, очигледно може да се изработат и на домашен компјутер.

Многу пати повторувана лага, не станува вистина

 

Една илустрација дека А.А. успешно пловела во институционалните води на државното здравство, била признаена меѓу колегите како докторка, а и добивала работни задачи што еден студент по медицина никако не би можел да ги работи, е нејзиниот статус на Фејсбук од 23 мај 2023 година кој гласи:

 

Пред три години, сите лекари, медицински сестри и помошен медицински персонал од анестезиолошкиот и хируршкиот оддел од Општа болница Гевгелија беа дел од примарната ресусцитација и транспорт на пациентката која беше прв донор на срце во Македонија. Иако никогаш никој не се одважи да ни даде признание, ние знаеме дека ги поставивме темелите на првата трансплантација на срце и помогнавме едно големо срце од небото да продолжи да чука во друго тело на земјата. Вечна ти слава, Емилија Динева!

Меѓутоа, многу пати повторуваната лага, не станува вистина. Опасната игра завршила со домино ефект со многу консеквенци, неодамна, односно на крајот на летото. Тогаш целата професионална медицинска заедница, сите вработени во Болницата Гевгелија, но и целиот град, почнуваат да шушкаат дека нешто скандалозно не е во ред со специјализацијата на докторката. А.А. пак, почнува да не оди на работа, а никој не знае со сигурност зошто, а уште помалку знаат дека е отпуштена во канцеларијата на неодамна назначениот директор, доктор Патрик Матх.

 

Пресвртот и крајот на сите малверзации поврзани со докторката се случува пред само десетина дена. Имено, на 18 април 2024 година, А.А. ја добива својата прва и единствена валидна лиценца од Лекарската комора, откако после 16 години студирање, положила стручен испит на Медицинскиот факултет во Скопје. До тој датум, таа долги години веќе работи во болницата во Гевгелија и истовремено специјализира на трошок на болницата иако уште не била ни дипломирана!

Но, со оглед на тоа што пред да дипломира, таа всушност со години веќе специјализирала во Штип, дошол моментот да го добие и уверението за специјализацијата и само три месеци подоцна станува специјалист по анестезија на 4 јули 2024 година. Сите што ги виделе овие два датуми, односно добивањето на лиценцата од комората за доктор по медицина на 18 април и добивањето на уверението за завршена специјализација само три месеци подоцна на 4 јули, се фатиле за глава. Сфатиле дека тоа е неможно. Освен во случај на изигрување на системот на грбот на парите и здравјето на пациентите.

Болницата во Гевгелија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

 

– Ѝ дадов отказ, не е тука – ни рече директорот на Општата болница со проширена дејност Гевгелија, доктор Патрик Матх кога дојдовме во болницата да прашаме како овој случај смеело да се дозволи.

Неговиот претходник пак, ексдиректорот доктор Митко Крџов, се вџаши од нашиот телефонски повик.

– Како тоа? Овие факти ми се новитет. Јас кога дојдов за директор во 2017 година, таа веќе неколку месеци беше на специјализација одобрена од моите претходници. Тоа за мене беше затекната ситуација. За неа, знам со сигурност дека годишно исплаќав илјадници евра за специјализацијата од сметка на болницата кон Универзитетот во Штип. Но, дека добила специјализација без воопшто да има завршено Медицински факултет, тоа не ми беше познато – изјави за „Слободен печат“ Крџов.

Тој додаде дека се сеќава на докторката бидејќи работела со пациенти во пандемијата, во модуларната болница, кога сите специјализанти беа повлечени назад во матичните здравствени установи за да помагаат.

Работела и во ковид-центарот и на операции со пациенти, а вчера потпишала договор да врати 120 илјади евра назад

 

Директорот на болницата доктор Матх за „Слободен печат“ вели дека болницата освен што ѝ дала отказ на А.А, исто така потпишала договор со неа, во кој таа се согласува да врати 120 илјади евра во рок од 6 месеци по основ на плати и надоместок за одвоен живот, како и за бадијала платената специјализација.

Од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, се децидни – тој кандидат што ќе го одбере јавната здравствена установа на конкурс, е оној кој ќе специјализира. Самата болница кога ја одбрала А.А. за свој специјализант за кого ќе плаќа државна специјализација по анестезиологија, тоа го направила со оглас на кој таа се пријавила. Болницата е таа што треба да ги проверува своите вработени и специјализанти а не Универзитетот „Гоце Делчев“. Болницата е таа што на УГД Штип му доставила и бодовна листа за селекција, уверение за завршен Медицински факултет од 2015 година и уверение за нејзиниот ,,положен“ стручен испит од 2016 година.

 

– Доктор А.А, вработена како општ доктор на медицина во ЈЗУ Општа болница Гевгелија  е упатена на специјализација по анестезиологија со интензивна медицина, и со истата започнува од 01.01.2017 година. За ова ЈЗУ Општа болница Гевгелија има склучено договор за регулирање на меѓусебни права и обврски помеѓу јавните здравствени установи кои упатуваат специјализанти на Универзитет „Гоце Делчев“ Штип. Надоместокот кој го плаќаат јавните здравствени установи за специјализација, за анестезиологија со интензивна медицина , вкупно за пет години изнесува 11.600 евра во денарска противвредност, велат од Универзитетот „Гоце Делчев“ за „Слободен печат“. 

Оттаму потврдуваат дека кога Лекарската комора ги известила оти уверението за положен стручен испит, со кое А.А. се пријавила за специјализација, всушност не постои, донесена е одлука за поништување на издаденото уверение за специјалист и комплетно на специјалистичкиот стаж. Специјализацијата ѝ е поништена на 19 август годинава.

– Одлуката за поништување од наша страна е доставена до Лекарска комора на РСМ, ЈЗУ Општа болница Гевгелија и до А.А. – велат од УГД Штип.

„Слободен печат“ ја обезбеди севкупната документација за овој случај кој завршува во рацете на Обвинителството. Ниту една од институциите кои ги имале податоците за овој случај, не го пријавиле сомнежот за кривично дело до надлежното Јавно обвинителство по службена должност, иако имале таква обврска согласно начелото дека секој кој ќе дознае за сторено кривично дело, има обврска да го пријави.

Директорот на болницата, доктор Матх вели дека чекале прво да заврши дисциплинската постапка, па да пријават до ОЈО. „Слободен печат“ се обрати писмено до А.А. Наместо одговори на нашите прашања таа телефонски замоли да не објавуваме ништо и да ја поштедиме, а во еден момент порача дека за тоа „ќе ни се оддолжи“.

Извори од Фондот за здравство велат дека таа немала факсимил, односно печат и не била евидентирана во договорот меѓу ФЗО и ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија.

Патрих Матх – директор на болницата во Гевгелија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Специјализацијата по анестезија е една од најтешките во медицината. Ова не е првпат болницата во Гевгелија да ја тресе скандал на ова поле, а од тој што се случи во 2015 – опоравувањето беше горчливо, стресно и тажно. Во 2015 година двајца сега починати анестезиолози добија отказ поради присуство на алкохол во крвта додека работеле интервенција на родилка. И родилката и бебето починаа. И до ден денешен гевгелиската болница анестезиолози увезува од Скопје, со договор. Планот на А.А. да стане анестезиолог надвор од процедурите успеа, но за кратко, а впечатокот дека болницата во нејзиниот случај вложувала во празно, останува. Долгогодишни лекари неофицијално коментираат дека е спорно доктор кој де факто бил само општ лекар, да воведува пациенти под анестезија во медицинските интервенции, дури и под супервизија на специјалист анестезиолог. Болницата во Гевгелија ја чека ново тешко будење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот