Премиерата на претставата се одржа во рамки на „Танц фест 2026“ во МНТ во Скопје / Фотографија: Драган Перковски

Танцовата претстава „Будење“ со кореографија на Рисима Рисимкин ќе има изведба во Битола

Во Народниот театар во Битола на 5 мај, во 20 часот, ќе се затвори овогодинешното издание на интернационалниот фестивал „Танц фест 2026“ со претставата „Будење“ на кореографката Рисима Рисимкин.

Станува збор за моќна изведба во која настапуваат триесет танчери. Влезот на претставата ќе биде бесплатен. Пред почетокот на претставата ќе биде доделена Специјалната награда „Менада“ за поддршка на развојот на современиот танц на Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Како завршен настан на „Танц Фест 2026“, оваа изведба го означува новото поглавје на фестивалот – со излегување надвор од Скопје и отворање кон нови простори и публики.

„Будење“ носи силна сценска енергија и колективно искуство што ги поврзува личното и општественото. Претставата ги истражува меѓучовечките односи, стереотипите и динамиката помеѓу индивидуалниот и колективниот идентитет. Претставата се занимава со воспоставените форми на однесување и нивната деконструкција, отворајќи простор за преиспитување на општествените норми и личните позиции во нив. Телото станува медиум преку кој се изразуваат емоции, конфликти и трансформации.

Танц-претстава „Будење“ / Фотографија: Драган Перковски

„Будење“ е процес – патување низ личните и колективните слоеви на идентитетот, каде што секој танчер носи сопствена приказна, која се претопува во заедничко сценско искуство. Претставата кулминира како силно, емотивно и визуелно финалe на фестивалот.

Музиката за претставата е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Настапуваат: Адријана Данчевска Ровчанин, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Сара Димовска, Нина Петрушевска, Лука Ѓорѓиевски, Давор Милев, Михаела Колцунова, Теона Ѓуревска, Надја Луканова, Ивона Манасиевска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Марија Андовска, Мила Ангелова, Аника Андоновска, Анеса Бектеш, Нина Ташкова, Ејул Јилмазчобан, Јана Ѓоршовска, Моника Ѓоргиева, Теона Голчева, Ивана Ралев, Евгенија Павловиќ, Евгенија Симоновска, Небеска Шумковска, Теона Димитриевска, Кристина Петрова, Кристина Коцевска, Мила Атанасова, Ана Митревска.

Фестивалот „Танц фест 2026“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Општина Битола, како и партнерите и покровителите на фестивалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот