Сцена од претставата „Д (како Дездемона)“ / Фотографија: Диоген Хаџи Коста Милевски

Танц-претставата „Д (како Дездемона)“ на Рисима Рисимкин ќе учествува на фестивал на Шекспир во Верона

Претставата „Д (како Дездемона)“, која е втор дел од трилогијата „Жените во творештвото на Шекспир“, тема со која кореографката Рисима Рисимкин се занимава во последниве неколку години, е поканета да гостува на 13 септември на фестивал за Шекспир во Верона, Италија.

Претставата е подготвена во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, дизајн на сцена и светло на Матеа Мијановиќ и костими на Благој Мицевски. Премиерно беше изведена во рамки на манифестацијата „Денови на македонски кореографи“ во организација на Националната опера и балет.

Со оваа претстава беше отворено и 26-тото издание на Фестивалот на монодрама во Битола на 17 мај 2025. Во претставата учествуваат осум танчари: Анастасија Данчевска како Дездемона; Дејан Битровски (Јаго); Лука Ѓорѓиевски (Отело); Сара Димовска (Емилија); Давор Милев (Смртта); Надја Луканова, Елена Терзиева и Ивона Маневска (Гласови).

„Рисима Рисимкин ги поместува границите на театарската форма – воведувајќи го говорниот збор во невербалниот театар, вградувајќи го класичниот балет во современиот танц – и тоа го прави со елеганција и намера. Таа е уметница неограничена од конвенции, слободно црпејќи од алатките потребни за да ја пренесе својата визија за светот преку јазик кој е единствено нејзин“ – напиша грузијскиот критичар Лаша Чхартишвили за изведбата на современата танцова претстава на Рисима Рисимкин по отворањето на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Сцена од претставата „Д (како Дездемона)“ / Фотографија: Диоген Хаџи Коста Милевски

Кореографката Рисима Рисимкин годинава одбележува 45 години уметничко творештво. Таа е добитник на повеќе признанија, меѓу кои и Витез од редот на уметностите и книжевноста на Франција. Со свои претстави гостувала на врвни сцени низ светот, каде што ја претставува Македонија, меѓу другото во Париз, Њујорк, Хаг, Пекинг, Амстердам, Келн, Дизелдорф, Лајпциг, Лисабон, Архус итн.

Рисимкин за првпат се претстави пред италијанската публика во 2023 година, кога ја изведе претставата „Лејди Магбет“, која ги одушеви гледачите, а критиката во весникот „Веронасера“, ја оцени со зборовите: „Автентично откритие на фестивалот беше талентираната македонска кореографка Рисима Рисимкин, која со својата мошне оригинална верзија на ликот на Лејди Магбет забележа рекорден број на посетеност и исполнетост на салата на театарот ’Камплој‘…“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот