Талибанците почнале да палат музички инструменти низ улиците на Авганистан

Талибанците палат инструменти во Авганистан / Фото: AFP / AFP / Profimedia

Талибанската полиција запалила голем број музички инструменти во западната провинција Херат, објави вчера авганистанската државна новинска агенција Бахтар. Шеикот Азиз ал Рахман ал-Мухаџир, провинциски шеф на Министерството за промоција на доблести и сузбивање на пороците, рече дека музиката довела до „погрешно насочување на младите и уништување на општеството“.

Талибанците ја забраниле нерелигиозната музика последен пат кога владееле со земјата во 1990-тите. Објавените фотографии покажуваат дека службениците се собрале околу оган со музички инструменти, вклучувајќи гитари, хармоники и звучници. Авганистан има силна музичка традиција, под влијание на иранската и индиската класична музика, пишува „ДВ“.

Исто така, има просперитетна поп-музичка сцена која ги спојува електронските инструменти и денс-ритовите со потрадиционалните ритами. Растот на таа сцена се случил во изминатите 20 години пред талибанците да дојдат на власт во 2021 година. Талибанците воведоа остри мерки откако ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година по повлекувањето на силите на САД и НАТО.

Учениците и наставниците во авганистанскиот Национален институт за музика, некогаш познат по својата инклузивност, не се вратиле на часовите откако талибанците ја презедоа власта. Многу музичари исто така побегнале од земјата. Талибанците ветија поумерено владеење од она од нивниот претходен мандат на власт во 1990-тите.

Тие ветија дека ќе ги овозможат правата на жените и на малцинствата. Наместо тоа, тие повторно воведоа остри мерки во согласност со нивното строго толкување на исламскиот закон или шеријатот. Спроведоа јавни егзекуции, го забранија образованието на девојчињата по шесто одделение и исто така им забранија на жените повеќе форми на вработување.

Претходно оваа недела, талибанците најавија дека сите салони за убавина треба да бидат затворени бидејќи нудат услуги забранети со исламот и предизвикуваат економски тешкотии на семејствата на младоженците за време на свадбените веселби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот