Тајкуните на Орбан со обновен медиумски интерес во Македонија

Регистрацијата на Атмедиа во Централен Регистар/Ендре Лацко/ фото: LinkedIn

Коинциденција или не, но контроверзната рекламна агенција „Атмедиа“ од Унгарија отвори свои претставништва во Северна Македонија и Србија непосредно пред најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Данела Арсовска, која е и почесен унгарски конзул во земјава, ќе се кандидира за челната позиција во главниот град

Локалните избори во Македонија ги придвижи унгарските медиумски тајкуни блиски на премиерот Виктор Орбан за проширување на својот бизнис за откуп на рекламен простор во медиумите на Балканот.

Коинциденција или не, но контроверзната рекламна агенција „Атмедиа“ од Унгарија отвори свои претставништва во Северна Македонија и Србија непосредно пред најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Данела Арсовска, која е и почесен унгарски конзул во земјава, ќе се кандидира за челната позиција во главниот град.

А можеби е индикативен и фактот што веќе во септември претседателот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и Николски беа на работна средба со Орбан во Будимпешта и се пофалија дека добиле поддршка за локалните избори во Македонија.

Кон средината на месец август, во Централниот регистар на Северна Македонија е регистрирана нова компанија за огласување преку медиуми, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“. Новоснованата фирма е во сопственост на рекламната агенција „Атмедиа“ од Унгарија која е добро позната на тамошниот медиумски пазар, бидејќи зад неа индиректно стојат поранешни советници и блиски пријатели на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Атмедиа“ во Македонија е регистрирана на 16 август, а како управител е назначен Ендре Лацко, кој фигурира како управител и на српската подружница, основана само три дена подоцна, на 19 август. Според неговиот ЛинкедИн профил, Лацко е дел од „Атмедиа“ од 2019 година, а кон крајот на 2020 станува директор на нивното прво проширување на Балканот, „Атмедиа Словенија ДОО“. Тој работел во голем број медиуми и продукциски куќи, меѓу кои и унгарската провладина телевизија ТВ2.

Во документите од Централниот регистар во Македонија, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“ сѐ уште е регистрирана на адресата на „Адвокатското друштво Поленак“. Новоотворената веб-страна за македонскиот пазар не е активна.

Соработниците на Орбан во медиумискиот бизнис

Унгарската „Атмедиа“ работи со закуп на рекламен простор во медиумите кој потоа го продаваат на своите бизнис клиенти. Во нејзиното портфолио може да се најдат скоро сите провладини унгарски медиуми. Во нејзината сопственичката структура стојат две фирми, „Хунмедиа“ и „Висус инвест“ чие избирачко право надминува 50%.

„Висус инвест“ е основна од Андрес Томбор, поранешен советник за безбедност на унгарскиот премиер Орбан, со цел да ја купи рекламната агенција „Атмедиа“. Откако Томбор ја презема компанијата во 2016 година, телевизиите блиски до владата почнуваат да го продаваат својот рекламен простор на „Атмедиа“ и, заедно со помошта од државно спонзорираните зделки, компанијата тројно ги зголемува приходите.

Андрес Томбор ја напушта „Висус инвест“ во 2020 година. Но, во меѓувреме, околу компанијата е изградена прилично компликувана мрежа на други фирми, но сѐ уште од блискиот круг на компании на премиерот Орбан.

По неколку превирања на сопствениците, „Висус инвест“, а со тоа и „Атмедиа“ како нејзина подружница, со еден дел е во сопственост на приватниот инвестициски фонд на Лорник Мезрос, кој е еден од најголемите унгарски олигарси и близок пријател и поддржувач на премиерот Виктор Орбан. Останатите удели се во сопственост на Јозеф Вида, новиот сопственик на ТВ2, една од најголемите национални отворено про-владини телевизии во Унгарија.

Позадината на унгарската маркетинг стратегија

Како што е познато, медиумите коишто некритички ја поддржуваа политиката на поранешниот премиер Никола Груевски, поддржани со реклами платени од државата, долго време доминираа на медиумскиот пазар во Македонија во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во извештајот на Европската комисија за Македонија за 2016 година тоа државно влијание е истакнато како еден од главните проблеми кај медиумите и слободата на изразување во земјата.

„Политичкото мешање во уредувачката политика на медиумите, особено на национални радиодифузери, останува сериозен проблем. Постојат индикации дека многу приватни радиодифузери ја координирале својата уредувачка политика во корист на главната владејачка партија“, пишува во извештајот на Европската комисија во 2016 година.

По промената на власта во 2017 година, бројот на државни пари во медиумите драстично се намалува. Но, помошта за медиумите блиски до поранешниот премиер Груевски доаѓа од странство.

Во Извештајот на Европскиот Парламент, пак, од 2020 година се нотираат серијата истражувања на Истражувачката репортерска лабораторија, во соработка со Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, и партнерите, кои покажаа како унгарски државјани поврзани со тамошни про-владини медиуми масовно купуваа медиуми во Македонија и регионот. Повеќе од 3,2 милиони евра биле инјектирани во медиумскиот секторот на Северна Македонија во периодот 2017-2020 преку неколку прикриени трансакции за маркетинг услуги. Парите најмногу биле префрлени од словенечки фирми во сопственост на унгарскиот државјанин Петер Шац, кој е сопственик на две медиумски компании во Северна Македонија кои ги добиле парите за измислени реклами на маслиново масло и магнети за фрижидери. Овие трансакции сега се под истрага на македонските и словенечките власти, стои во Извештајот на ЕП од декември минатата година.

Продор кон Балканот

Овие активности се сметаат за дел од поголем продор кон Балканот од страна на медиумски фирми поврзани со десно-ориентираниот унгарски премиер Виктор Орбан и како операција за регионално проширување на неговата машинерија за пропаганда. Медиумите кои се дел од оваа мрежа често беа мета на критики дека се пропагандно гласило на Груевски и Орбан, дека објавуваат дезинформации и пропагандни содржини против мигрантите, НАТО и ЕУ, а често беа обвинувани и дека се дел од напорите се руско влијание во Македонија.

Така, во извештајот на Европскиот Парламент објавен пред неполна година со наслов „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“, е потенцирано дека „во изминатите неколку години се забележува растечка инвестициска активност од Унгарија на македонскиот медиумски пазар. Унгарските државјани поврзани со провладиниот медиумски пазар на Унгарија купија неколку македонски медиуми претходно во сопственост на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ (како што се ТВ Алфа и интернет порталите Курир и Република), кои претходно беа меѓу примарните извори на пропаганда. Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, овие медиуми беа вклучени во бројни дезинформациони кампањи, не само за дискредитација на владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), туку и за поткопување на Договорот од Преспа со Грција и другите евро-атлантски напорите на земјата“.

И покрај напорите на финансиската полиција на Северна Македонија да се замрзнат сметките на медиумите на кои се прикажуваа спорните реклами, со цел да се докаже потеклото на парите, Јавното Обвинителство никогаш не постапи по нивните барања.

Затоа и започнувањето со работа на унгарската „Атмедиа“, непосредно пред започнувањето на локалните избори во земјата, се поврзува со продолжувањето на обидите за етаблирање на Орбановата пропагандно-рекламна машинерија која и не ги крие своите политички позиции спротивставени на западните и евро-атлантските политики на актуелната влада во Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот