Таблите со забранетото име сѐ уште стојат на бугарскиот клуб во Битола, не се знае кој треба да ги тргне
Таблите со натписите „Клуб Ванчо Михајлов-ВМРО“ и „Културен центар ‘Иван Михајлов’“ останаа истакнати на објектот во кој е сместен бугарскиот клуб во Битола, и по 12 дена откако здружението беше избришано од Централниот регистар токму поради спорното име, пишува „СДК.мк“.
Препорачано
Ниту Министерството за правда, ниту битолската полиција, ниту локалната самоуправа не даваат прецизен одговор за тоа кој треба да ги отстрани таблите од објектот.
Комисијата за употреба на имиња на личности уште минатиот месец наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ.
Бугарските клубови во државата имаа рок до 16 февруари да ја усогласат работата со измените во Законот за здруженија и фондации. Според измените, во називот не можат да користат имиња на личности што се поврзуваат со национална, етничка нетрпеливост, геноцид, како и со поддршка на нацизам и фашизам.


