СЗО го промени ставот: Mасовните собири не се само рекреативни настани, туку значително влијаат на менталното и физичко здравје

СЗО/ Фото: : EPA-EFE/ MARTIAL TREZZINI

Документот, насловен „Клучни препораки за планирање масовни собирања во пандемијата од коронавирус “, ја разгледува безбедноста на масовните собири, како што се музички, верски и спортски настани.

Светската здравствена организација (СЗО) објави ажурирани препораки во кој се предлага земјите повторно да организираат масовни настани на отворено.

Документот, насловен „Клучни препораки за планирање масовни собирања во пандемијата од коронавирус “, ја разгледува безбедноста на масовните собири, како што се музички, верски и спортски настани.

Ажурираните препораки се засноваат на нови откритија за пандемијата добиени во последните неколку недели и ги советуваат организаторите да организираат настани на отворено доколку е можно, со можни ограничувања на бројот на посетители според целокупната здравствена состојба на земјите или регионите.

Наспроти насоките во март, кога Светската здравствена организација советуваше одложување на масовните собири, новите упатства сугерираат дека властите треба да ја препознаат позитивната улога на ваквите настани во културниот живот на секое општество и да размислат за дозволување масовни собири. Во документот се наведува дека масовните собири не се само рекреативни настани, туку значително влијаат на менталното и физичко здравје на голем број лица.

Светската здравствена организација исто така укажува на фактот дека ваквите настани обезбедуваат вработување на голем број луѓе и претставуваат значаен извор на приходи, како за луѓето вработени во нивното спроведување, така и на местата каде се одржуваат.

Новата препорака на СЗО посочува дека со оглед на тоа што масовните собири имаат значаен политички, културен, социјален и економски придонес, надлежните треба да го проценат значењето и потребата од одреден настан и да ја разгледаат можноста за негово одржување, доколку се земат предвид сите ризици врз јавното здравство и соодветните мерки за нивно ублажување.

Светската здравствена организација исто така советува дека особено ранливите социјални групи, како што се старите лица, треба да продолжат да избегнуваат вакви собири, но и дека треба да се обезбедат посебни средства за изолација на местата во случај некој од посетителите да покаже какви било симптоми на болеста за време на настанот.

Другите препораки вклучуваат ограничување на капацитетот на настанот, по примерот на многу земји што веќе го имаат пропишано во Европа, но исто така и во Соединетите држави и делови од Азија, но и обезбедување на масовна достапност на средства за дезинфекција за посетителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот