Светски ден на емотиконите: Секој втор Германец ги користи во комуникацијата
Срциња, бакнежи, смајлиња – повеќе од половина луѓе во Германија користат емотикони во своите пораки, покажува репрезентативно истражување по повод Светскиот ден на емотиконите, кој се одбележува во четврток, на 17 јули, пишува ДПА.
Препорачано
Според анкетата на дигиталното здружение Битком, 21 отсто од испитаниците вметнуваат емотикони во секоја порака, а уште 33 отсто ги користат во поголемиот дел од пораките. Повремено емотикони испраќаат 19 отсто, а девет отсто тоа го прават ретко.
Само 14 отсто од испитаниците изјавиле дека никогаш не користат емотикони.
Истражувањето покажало и јасни разлики во користењето на емотиконите меѓу различни возрасни групи. Кај лицата под 30 години, секое трето лице става емотикони во секоја порака, додека кај оние над 65 години тоа го прави секое осмо.
Најомилени се емотиконите што изразуваат љубов и позитивни емоции. На врвот на листата се срцето, бакнежот и смајлињата со срца наместо очи, а веднаш по нив следуваат симболи поврзани со смеа и радост. Популарни се и гестови како кренат палец или аплауз.
„Емотиконите станаа посебен облик на дигитален јазик. Тие помагаат при изразување на емоции, ја засилуваат пораката и го разјаснуваат тонот на пишаната комуникација“, изјави Константин Певелинг, експерт за социјални мрежи во Битком.
Иако 62 отсто од испитаниците признале дека барем еднаш емотиконите ги довеле до забуна, повеќе од половина (54 отсто) изјавиле дека често одговараат само со емотикон. Дури 44 отсто веруваат дека емотиконите им помагаат подобро да ги разберат другите во дигиталната комуникација.


