Сведоштво на украински новинар: Останав во Киев, гледам како руски провокатори и чеченски борци пустошат низ градот

Фото - Фејсбук |Украински новинар Иван Верстјук

Украинскиот новинар Иван Верстјук е во Киев уште од првиот ден од војната која Русија ја започна во Украина на 24 февруари. Иако повеќе од четири милиони жители веќе го напуштија украинскиот главен град поради рускуте напади и тој е речиси празен, Верстјук говорејќи за „Слободен печат“ вели дека тој е убеден дека војната ќе заврши наскоро и дека мирот ќе надвладее. 

„Првите недели од војната беа едноставно ужасни, постојано се чувствувате под стрес, чувствувате дека треба да им кажувате на сите луѓе околу тоа што треба да се прави во ваква ситуација.  Разговарав со моите соседи секој ден затоа што тие не реагираа на воздушните сирени, туку само седеа дома. И ги натерав сите да одат во засолништата секој пат кога ќе ја слушнам сирената – тоа значи, 3-4 пати на ден, вклучувајќи ги и ноќните часови. Во засолништето на луѓето собрани таму им читав предавања за европската политика, руската култура, новинарството.“ сведочи украинскиот новинар и уредник на порталот „Нова Времја“. 

 Публика на Верстјук во тие моменти во засолништата претежно вклучувала постари жени.

„Тоа беше смешно – стоите во ова советско засолниште со сиви ѕидови и цевки за водоснабдување. Можеби сè уште ќе видите графити на ѕидовите кои беа насликани како во 1980-тите и 1990-тите. Во тие години, оние мажи кои служеа во советската армија обично се враќаа во Киев и цртаа графити на нивната куќа, спомнувајќи ги годините на нивната воена служба и операциите во кои учествувале. А ние имаме такви графити во нашето засолниште.“ објаснува тој. 

На 11 март неговиот стан бил погоден од руски тенк додека руската армија се обидуваше да го опколи Киев.

„Проектилот не го погоди директно мојот балкон, беше стрелан кон мојата зграда од тенк Т-72 што стоеше во близина (добро, не како на 10 метри очигледно, нешто како 500 метри), но на пат погоди еден билборд, експлодираше и зградата беше погодена само со помали делови од проектилот. Затоа, имавме само скршени прозорци во нашиот стан – тоа е зграда од 16 ката, изградена во 1975 година.“ вели Верстјук.

Една недела потоа, Версјук добил доста пораки од своите пријатели и познаници за неговата зграда но едноставно немал сила да одговори на повеќето.

„Не сакав да го отворам мојот WhatsApp на телефонот, бидејќи тој беше полн со смс пораки од луѓе кои прашуваа дали сум добро. Па, физички не можете да одговорите на стотина пораки од луѓе кои прашуваат дали сте добро. Жал ми е ако некои од луѓето кои ми пишаа потоа ми се налутија поради тоа што нивните пораки останаа неодговорени. Знаете, човечката природа е да се чувствувате уникатни дури и до степен кога сакате да одговорите на сите ваши пораки.“ вели украинскиот новинар.

Две недели потоа, Верстјук бил сведок и на руските агенти провокатори и на чеченските борци кои почнале да хараат низ Киев. 

„На 23 март кога живеев во друга зграда во Киев, таа беше опкружена од руски провокатори кои исто така патуваа и низ други делови на градот, а чеченските борци украдоа автомобил за итна медицинска помош и само се возеа наоколу барајќи цели за да направат непријатни работи. Но полицијата ги следеше и територијалната одбрана во Киев ги оттурна тие провокатори. Но, тие беа стационирани во непосредна близина на мојата зграда.“ додава тој.

Киев, Украина/Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Украинскиот новинар потсетувајќи се на немилите настани вели дека тие денови особено му било корисно да објавува на Твитер и да ја задржи емоционалната стабилност за сето она што се случувало околу него.

„Во текот на овие два ужасни дена од мојот живот, постојано објавував многу на Твитер. Тоа многу помогна. Постојано им кажував на луѓето што гледам наоколу, пишував и по 100 твитови дневно. Тоа навистина ми помогна да ја задржам емоционалната стабилност. Сега е полесно. И ситуацијата е многу побезбедна во Киев, бидејќи руската армија се повлече од северна Украина, преместувајќи се во јужните и источните региони каде што продолжуваат да се борат.“ вели Верстјук.

Според него, како новинар, блогер и писател, војната едноставно претставува ужасна ситуација која бара многу размислување.

„Толку многу работи треба да се решат, одговорат и  размислат. Поминав долги ноќи размислувајќи за историјата на Украина, историјата на Русија, светот на глобалните работи, ЕУ, САД, Кина, Северна Кореја итн. Во текот на ноќите спиев амо по два чара, имав дремки во текот на денот, и многу размислување. Да се ​​надеваме дека мирот ќе биде вратен – како и територијалниот интегритет на Украина. “ заклучува Верстјук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот