Сведоштво на пациентка: Доктор Нино ми даде лек кој не го запиша никаде дека сум го примила
Во Кривичниот суд Скопје денеска продолжи од почеток судењето за случајот „Онкологија 2“ поради промена на поротник.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На денешното рочиште сведочеше пациентка која примала хемотерапија и имунотерапија, опишувајќи како една од терапиите ѝ била дадена надвор од стандардната процедура и без да биде евидентирана во регистарот.
Таа рече дека кога деветтиот пат дошла на Клиниката, докторот Нино Васев ѝ соопштил дека лекот е во недостиг и дека имаат останато само три шишенца, од кое ѝ дал едно без да биде евидентирано во регистарот.
„Деветтиот пат кога дојдов, чекавме ред за преглед како и секогаш, ме повикаа во ординацијата, таму беше Др-Нино и уште две сестри и врз основа на мојата историја Др-Нино ми објасни дека во моментов се дефицитарни со лекот, имаат сочувано уште три шишенца и дека поради тоа што сум помлада, поголема ефективност има лекот кај мене, „еден ќе ти го дадам“, меѓутоа нема да се запише во регистарот дека сум го примила лекот, „еве го тука во историјата внатре“, го стави шишенцето и заедно со сестрите отидовме во дневна амбуланта да ми го аплицираат лекот оти тој се става денски“ објасни таа.
Откако лекот ѝ бил аплициран во дневната амбуланта, рече дека останала со дилема зошто не била запишана терапијата во извештајот.
„Јас во тој момент се израдував што ќе го примам лекот иако дома кога дојдов разговаравме со семејството и до ден денеска ми остана прашањето зошто требаше така да се изведе, зошто не како секој редовен циклус да се запише во извештајот. Тоа е дневниот упат за да се прими лекот, го потпишува матичниот онколог и потоа сестрата го носи кај директорот кој исто треба да стави печат и потпис. Овој пат тоа беше така, како неформално нешто, дополни таа.
Пациентката нагласи дека не ѝ било побарано да плати, а на прашањето дали докторот имал личен интерес одговори негативно. Таа посочи дека сама се пријавила како сведок бидејќи почуствувала граѓанска одговорност откако дознала за случајот.
Според одбраната, вакво нешто не се случило и побара од Јавното обвинителство да се ограничи на предметот – наводниот финансиски криминал, а не на начинот на лекување.
Судењето за „Онкологија 2“ денеска започна одново поради промена на поротник. Обвинети се поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и економскиот директор Нехад Нухи.
Според обвинението, во периодот 2018–2022 тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
Дали на Онкологија се давале комбинации на терапии што „не одат“ една со друга?
Двајцата ја негираат вината и тврдат дека обвинението е политички монтирано.
Покрај „Онкологија 2“, против Васев и уште двајца лекари се води и процесот „Онкологија 1“ за несовесно лекување пациенти.


