Судење Онкологија: „Фезго“ не се дава кај рак на дебело црево, ниту „херцептин“ кај хер негативен рак на дојка тврдат двајца онколози во судница
Во Основниот кривичен суд во Скопје со сведочење на двајца доктори од Клиниката за онкологија, Илир Исмаили и Фаик Мисими продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“ кој се води против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, измама и проневера во службата.
Препорачано
Доктор Илир Исмаили кој работи како специјалист по онкологија на одделот „дојка“ на Клиниката за онкологија одговарајќи на прашањата на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска како се носела одлуката на пациентите да им се препише имунолошка и биолошка терапија, односно кои услови требало да ги исполнат пациентите за да ја добијат, истакна дека за оваа терапија има соодветна индикација.
-Секој лек има своја индикација и треба да се аплицира кај соодветен пациент со соодветна болест. Кај секоја апликација на соодветен лек мора да се прават соодветни испитувања врз основа на кои ќе се аплицира лекот, рече сведокот.
Запрашан каква треба да е општата состојба на пациентот пред да прими имунотерапија, тој вели дека имунотерапијата може да се прима во неколку стадиуми.
-Но сепак, за апликацијата треба да биде одлучувачка состојбата на пациентот, лабораторијата и другите испитувања кои укажуваат на нормални вредности, односно вредности кои дозволуваат лекот да се аплицира, рече д-р Исмаили.
Тој кажа дека за конкретна пациентка чие име беше кажано во судница, а која имала хормон-позитивен хер-негативен карцином на дојка, немал препишано лек „херцептин“ затоа што овој лек не се препишува кај пациенти што се хер-негативни.
Тој како член на Управниот одбор на Клиниката за онкологија од 2017 до 2023, не можеше да се сети дали Управниот одбор пред да донесе одлука за набавка на терапија од условен буџет, имал пред себе и согласности за набавките од Министерството и Фондот за здравство, како што налага Законот за здравствено осигурување. Во Управниот одбор на клиниката имало 5 членови, правник и економист а и сега обвинетите екс-директори според сведокот присуствувале на состаноците.
На прашањето од обвинителката дали на седниците на Управниот одбор биле носени одлуки за набавка на терапија на реверс пред да се склучи договор за јавна набавка, тој рече „мислам не“.
Докторот рече дека ги знае по бројка пациентите што моментално примаат имунотерапија препишана од негова страна, тие биле 7 или 8, но со порастот на бројот на пациенти пораснале на 12.
Сведочеше и докторот од Онкологија Фаик Мисими, кој работи на одделот за малигни тумори на гастроинтестиналниот тракт.
Конкретно беше прашан за пациент за кого рече дека никогаш не му дал терапија зашто пациентот бил во ран стадиум и не се лекувал туку само се контролирал на Клиниката за онкологија и немал потреба од терапија.
-Не сум дал терапија „фезго“ кај него, зашто овој пациент имаше карцином на дебелото црево и за тоа не се дава „фезго“ терапија, рече докторот.
Адвокатот на обвинетиот Никола Васев, Боби Спирковски смета дека јавноста е сведок на како што рече „стерилноста на постапката“ и бесполезни сведочења.
-Заради запазување на формата се губи суштината. Ништо значајно не се случи денес, зашто во економски предмет каде треба да се докажува тешка финансиска злоупотреба од 35 милиони евра ние слушаме доктори кои ни зборуваат за аплицирањето на имунолошката терапија во одредени случаи, што е предмет на медицинското судење, рече Спирковски.
Следното судење е закажано за идната недела на 6 октомври.
Според Обвинителството, Васев и Нухи со незаконски јавни набавки на лекови за кои немало согласност од Фондот за здравство, над дозволените буџетски средства и со злоупотреба на службената положба предизвикале огромна штета на буџетот на Македонија, во износ од повеќе од 2,2 милијарди денари.


