Судење за Онкологија случај Нино Васев - Фото Слободен пецат - Методи Здравев
Судење за Онкологија - Фото Слободен пецат - Методи Здравев

Дали на Онкологија се давале комбинации на терапии што „не одат“ една со друга?

Во кривичниот суд Скопје денеска продолжи судењето за предметот Онкологија 1 каде што обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни е екс-директорот на Клиниката доктор Никола Васев, а докторите од клиниката Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски се обвинети за несовесно лекување болни.

Во судница денеска сведочеше лекарка специјалист онколог и радиотерапевт која работи во приватна болница, но во минатото работела на државната Клиника за радиотерапија и онкологија. Неа во судница ја повика Обвинителството. Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска ја прашуваше докторката дали конкретни комбинации на лекови „се препишуваат заедно“ и одговорот на лекарката за неколку од овие комбинации беше негативен – дека во конкретна фаза од болеста конкретни комбинации на лекови не одат заедно. Според обвинителката Ана Гоговска Јакимовска овие прашања ќе му помогнат на судот при донесување соодветна и правична одлука.

Адвокатите на првообвинетиот Никола Васев приговараа дека лекарката не е вештак, дека за начинот на лекување ќе има стручни наоди изготвени од Клиниката за пулмологија на барање на одбраната, исто како што има вештачење на барање на Обвинителството.

-Дали терапијата „палбоциклиб“ оди заедно со „бевацизумаб“ и истовремено со хемотерапија?, праша обвинителката.

Докторката одговори дека во принцип во клиничката пракса тоа не е така.

Според неа по сите препораки евалуацијата односно мерењето на одговорот од дадената терапија се прави на 3 месеци но дека терапијата може да се смени ако пациентот не ја поднесува или има несакани ефекти.

Запрашана дали кај ковид позитивен пациент со лоша клиничка слика се дава имунотерапија докторката рече дека во таква ситуација не се дава било каква терпаија вклучително и имунотерапија зашто се чека да заврши акутната инфекција.

Според неа цетуксимаб не е во протоколите за третман на метастатски карцином на дојка.

Запрашана како на Онкологија се одлучувало во однос на препис и давање имуно и биолошка терапија, докторката рече дека секој специјалист пишувал предлог за терапија но потоа историите на пациентите биле носени на одобрување кај директорот, а конзилиум немало.

Сведочеше и специјалист од Клиниката за радиотерапија и онкологија кој работи таму 35 години на одделот за тумори на бели дробови.

Според него, како ќе се прими таргет терапија одлучувал парафот на директорот а потоа бил направен конзилиумот каде сите раководители на оддели конзилијарно одлучувале која терапија како ќе се прима.

Одбраната на лекарите кои се обвинети во предметот Онкологија 1, има побарано вешти наоди и мислења од вештаци од Клиниката за пулмологија, кои што ќе бидат спротиставени со наодите на Обвинителството. Владимир Туфегџиќ, адвокат на доктор Симонида Црвенкова изјави дека нивниот вешт наод и мислење е веќе изготвено како од областа на пулмологијата така и од областа на фармакологијата.

Во предметот Онкологија 1, за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни е обвинет екс-медицинскиот директор на Клиниката доктор Никола Васев. Покрај него, за несовесно лекување болни се обвинети и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски од Клиниката за онкологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот