Сугарески: Со рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река исполнувам ветување што јас го дадов

Сите планирани капитални инвестиции ќе се реализираат со предвидената динамика, нагласи министерот за транспорт и врски.

Се обновуваат 10 километри од регионалниот пат Алденци – Житоше. Инвестицијата вредна 320.000 евра е по барање на жителите и со неа исполнуваме уште еден од ветените владини проекти, истакнаа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов кои денеска заедно со премиерот Оливер Спасовски и градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски извршија увид во работните активности.

Како што рече Сугарески, паралелно се работи и на рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река.

-Овој пат јас го ветив пред граѓаните и ова е нашето исполнување. Активно работиме и на рехабилитација на патот Крушево – Слива – Пуста Река. Кога сме кај Крушево, сакам да истакнам дека покрај во патната мрежа, инвестираме и во подобрување на комуналната инфраструктура. Завршивме со проектите за подобрување на водоснабдувањето во Борино и Саждево и при крај сме со изградба на канализацијата во Норово. Дополнително, со Општината работиме и на проектот за подобрување на водоснабдувањето во Јекреново, така што целосно ќе ги реалзираме проектите што ги имаме во програма за Крушево, напомена министерот.

Според него, сите планирани капитални инвестиции ќе се реализираат со предвидената динамика.

Китанов дополни дека се работи и на регионалниот пат Лажани – Житоше.

-Сите овие проекти се во Програмата на ЈП за државни патишта уште од 2019 година и немаат никаква врска со изборите што следуваат. Проектите предвидени за овој регион, за дел од кои тендерите се веќе објавени, а дел ги објавуваме следниот месец, се реализираат преку Европска банка за обнова и развој и се проектираа најмалку една година, рече Китанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот