Сугарески и Китанов: Ресорот “транспорт” е мотор на економските промени во државата, инвестирани се околу 300 милиони евра само во инфраструктурата

фото: МИА

Годината ја завршуваме со максимален ефект во реализација на капиталните проекти во ресорот транспорт. Ги направивме историски најголемите вложувања во патната инфраструктура, во изградба на гасоводната мрежа, во реализација на крупните проекти во Железницата, во изградба на водоводи и канализации, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција на која даде осврт за сработеното во ресорот „транспорт” во 2019 година.

– Министерството за транспорт и врски не случајно е мотор на ваквите економски промени. Годинава ќе ја завршиме со преку 80 проценти реализација на капиталните инвестиции во нашиот ресор, што ја покажува ангажираноста на сите ресурси во остварување на крајната цел, а тоа е поквалитетен живот и економски раст на земјата. За следната година планираме да ја завршиме пругата до Бељаковце и да отпочнеме со изградба на делот од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така, следната година ќе започне изградба на магистралните гасоводи од Велес до Свети Николе и од Гостивар до Кичево, рече Сугарески.

Тој најави изградба на осум социјални згради со вкупно 320 станови. Во делот на комуналната инфраструктура во подготовка се триесетина проекти за канализации и водоводи, а ќе започне и изградба на канализации во зоната Визбегово и во Арачиново.

– Посебно сакам да го истакнам проектот за изградба и санација на улици во општините вреден 70 милиони евра. Тендерските постапки веќе ги подготвуваме и очекуваме со почетокот на градежната сезона да отпочнеме и физичка реализација на терен, изјави министерот за транспорт и врски.

Директорот за ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека годинава е најуспешна година од работењето на Јавното претпријатие во кое инвестирани се преку 230 милиони евра. Тој потенцираше дека за овие две години завршени се 782 километри патишта и ги спореди со околу 600 километри патишта што биле завршени во претходните десетина години.

– Рехабилитиравме рекорден број патишта од различни извори, од нашиот буџет, со поддршка на Светска банка, ЕБДР и од Македонијапат или само во 2019 година завршивме проекти во вредност од 237 милиони евра и 505 километри патна мрежа. Сакам да најавам дека за автопатот Скопје- Блаце утре завршува тендерската постапка, имаме тројца понудувачи во рамки на буџетот и многу набрзо ќе започнеме со работа. Имаме и одлична реализација во делот на експресните патишта, завршивме санација на неколку мостови и активно градиме уште три нови мостови. Во делот на патарините, оваа година имаме најефикасна наплата на патната такса и по прв пат поставивме 523 лед светилки на 176 канделабри, изјави Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Китанов додаде дека Јавното претпријатие успешно засади над 350.000 илјади од околу 600 илјади садници багрем на косините од автопатот Миладиновци-Штип и дека се работи на проект за поставување фотоволтаични панели на сите патарини од кои ќе се произведува електрична енергија за потребите на наплатните станици.

Китанов пак информира дека за месец до месец и половина ќе биде пуштена во употреба и втората патарина на автопатот Демир Капија – Смоквица. Во однос на цената на патарините кажа дека таа се пресметува по километар и оти тие се најевтини во регионот. Пракса за попусти на патарините на редовни патувачи вели во Европа нема

– Комплетно сите средства од патарините одат во одржувањето и рехабилитациите. Од Табановце до Богородица одите за шест евра. Имаме прифатливи цени за патарините. Главната градежна експанзија се очекува да заврши за шест до седум години, а само за одржување на тие патишта ќе ни требаат 100 милиони годишно, рече Китанов.

На новинарско прашање Сугарески изјави дека е оптимист дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде пуштен во употреба во рамки на предвидениот рок до 2021 година.

Според Китанов, досега се реализирани 60 проценти од работите на тој автопат, но без дополнителни работи, кои мора да се завршат прво за да се продолжи понатаму. За овие дополнителни работи потребно е да се подготват 70 проекти, од кои 20 кои се поголеми се веќе изработени и интензивно ќе се работи. Нема да се чека сечење лента туку делниците ќе се пуштаат како ќе се завршуваат, а според него, околу 40 километри од автопатот ќе бидат во функција и пред 2021 година..

Запрашан во однос на реализацијата на буџетот министерот Сугарески кажа дека во октовмри таа изнесува околу 40 проценти, но дека во предвидените 370 милиони евра не влегуваат средствата за изградба на патишта бидејќи ЈПДП не е буџетски корисник, туку тоа се дополнителни средства кои се ифинансираат во најголем дел  од самото Јавно претпијатие.

– Во октомври месец реализацијата на капиталните инвестиции не беше 30 проценти туку над 40. Ви тврдам дека во последниве денови кога се наплаќаат повеќе ситуации ќе имаме драстично зголемување на сите капиталните инвестиции, рече Сугарески според кого третиот и четвртиот квартал е најсилен во Министерството и во ЈПДП и зависи од градежната сезона, но и од евентуално повторување на тендерските постапки. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот