Коста Кецмановиќ на 3 мај 2023 година во училиштето Владислав Рибникар на Врачар застрела девет ученици и еден чувар/Фото колаж: Слободен печат

Судот во Белград отвори прашање старо еден век: Дали прадедото на Коста Кецмановиќ извршил масакр врз семејство во Црна Гора?

На повтореното судење на Владимир Кецмановиќ, таткото на момчето-убиец од ОУ „Владислав Рибникар“, беше отворено прашање што се протега еден век наназад. Судијата побара одговор за мајорот Драгутин Кецмановиќ, прадедото на момчето-убиец, кого одредени историски извори го поврзуваат со масовното убиство на семејството Звицер во Црна Гора во 1923 година, објавија српските медиуми.

Според неофицијални информации, едно од прашањата на судијата на повтореното судење на Владимир Кецмановиќ било дали му е познат настанот меѓу неговиот дедо Драгутин и семејството Звицер во Црна Гора.

– Мојот дедо беше одликуван, а јас како мал постојано одев со татко ми во Црна Гора. Да постоела опасност по нас, никогаш немаше да ме води – одговорил, според зборовите на изворот, таткото на момчето-убиец.

Кој бил Петар Звицер

Петар Звицер (роден 1896 година) бил „зеленаш“, припадник на политичкото движење кое по завршувањето на Првата светска војна (1918) се залагало за зачувување на државноста на Кралството Црна Гора.

Звицер по бунтот се одметнал во планините, каде што се приклучил на комитската група на Саво Распоповиќ и Милутин Башовиќ.

Тогашниот весник „Народна ријеч“ од 4 октомври 1922 година наведува дека на 22 септември 1922 година Звицер бил во комитска група која во возот на линијата Бар – Вирпазар убила осум српски војници и еден жандарм.

Српските извори тврдат дека Петар Звицер бил озлогласен комита и злосторник кој извршил бројни злосторства во Црна Гора и ограбувал многу села.

Зеленашка верзија за масакрот 

Зеленашките извори, меѓу кои се истакнувал Секула Дрљевиќ, црногорски политичар и клерофашист, подоцна соработник на усташката НДХ и на италијанските окупациски власти во Црна Гора за време на Втората светска војна, тврделе дека единица српски жандари, со која командувал мајорот Драгутин Кецмановиќ (прадедото на момчето-убиец), на 23 април 1923 година упаднала во семејната куќа на Звицер во селото Рокочи, Цетиње.

Тврделе дека таму ги врзале мајката на Петар Звицер, Анѓа (околу 60 години), сопругата Загорка (околу 23), сестрата Плана (20), братот Видак (13) и трите малолетни деца и – ги запалиле.

Постојат ли докази за овие тврдења

Не е познато дека постојат независни историски документи што би ги поткрепиле овие зеленашки извори, односно не постојат официјални докази дека одредот на мајорот Драгутин Кецмановиќ извршил злосторство врз семејството на Петар Звицер.

Според друга верзија, групата на Петар Звицер пресретнала и ограбила поштенска пратка со пари наменети за народот од тој крај на Црна Гора, по што разјарените селани од одмазда го убиле неговото семејство.

Што се случило со Звицер, Кецмановиќ и Секула Дрљевиќ

Петар Звицер бил убиен во комитската група на Распоповиќ кон крајот на 1924 година.

Мајорот Драгутин Кецмановиќ, инаку родум од Босна, подоцна бил преместен од Црна Гора во Србија и унапреден во чин полковник.

Секула Дрљевиќ во 1945 година побегнал во Австрија, во логорот за раселени лица во Јуденбург, каде што бил убиен од четничката црна тројка.

Што се случи на повтореното судење на таткото на момчето-убиец

Да потсетиме, Владимир Кецмановиќ, таткото на момчето-убиец од Основното училиште „Владислав Рибникар“, вчера, изнесувајќи ја одбраната пред Вишиот суд во Белград, изјави дека „не е виновен“, но, наводно, рекол и дека неговиот малолетен син кој го извршил стравичното злосторство на клучевите „носел привезок пиштол“.

Да потсетиме, обвинителството побара да се прочита преписката на момчето-убиец и неговата мајка Миљана Кецмановиќ.

Инаку, судот одлучи и ова судење, како и претходното, да биде затворено за јавноста, додека обвинителството денес предложи, заради брз и ефикасен постапок, исказите на сведоците, како и исказот на момчето-убиец, да бидат прочитани.

Осудени родителите на момчето-убиец од „Рибникар“, таткото доби 14, а мајката 3 години затвор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот