Фото „Слободен печат“ Драган Митревски
Фото „Слободен печат“ Драган Митревски

Судење „Онкологија 2“: Биолошката терапија е набавувана на реверс

Кога Државниот завод за ревизија во 2021 година извршил ревизија на тоа како се набавувани биолошките лекови на Клиниката за онкологија, констатирал дека планот за набавка на овие лекови не бил резултат на стручен колегиум, туку се базирал на историски податоци за потрошени количини лекови, што создава ризик од селективно определување на терапијата, без стручна анализа.

Ова денеска на судењето за предметот „Онкологија 2“ во судница го истакна претставник на Државниот завод за ревизија. Во предметот обвинети се поранешните медицински и економски директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и Нехат Нухи.

– Во сметководствената евиденција постои разлика помеѓу месечни податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организациските единици на клиниката. Неусогласеноста е резултат на тоа што дел од т.н. биолошка терапија е набавена на реверс, пред склучување договор за јавна набавка и во моментот на прием и нејзиното издавање не е внесена цена во материјалната евиденција на клиниката – рече тој.

Според него во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали Клиниката располага со доволно количини лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата.

Во делот за пописот на средствата, сведокот посочи дека ревизорите утврдиле недоследности.

– Со пописот не е утврдена состојбата и не се поблиску опишани дел од средствата со кои располага Клиниката, како градежни објекти, нематеријални средства, патнички автомобили и материјални средства во подготовка. Во дел од пописните листи не се наведени вредносни показатели и не е извршено вредносно усогласување на податоците од спроведениот физички попис со податоците од сметководствената евиденција. Во извештајот од спроведениот попис не е наведена состојбата од постојаните средства и состојбата со резерва на лекови, реагенси и медицински потрошен материјал – рече тој.

Претставникот на ДЗР заклучи дека ваквата состојба имала директно влијание врз веродостојноста на финансиските извештаи на клиниката.

Оваа состојба, како што појасни, создава ризик од субјективно и селективно определување лекови за кои се одобрува условниот буџет, што не е поткрепено со стручна анализа и предлози.

– На клиниката не биле донесени медицински протоколи, упатства или насоки со кои ќе се воспостават правила и ќе се утврдат критериуми, кои треба да ги исполнува пациентот за да прима биолошка терапија – нагласи тој.

Сведокот заклучи дека ваквите практики создаваат ризик биолошката терапија да не биде еднакво достапна за сите пациенти, што е спротивно на законските одредби.

Според извештајот, тој сподели дека во 2021 набавувана била биолошка терапија во период кога постапката за таква набавка, како што рече, сѐ уште не била спроведена од Министерството за здравство.

– Имајќи предвид дека за поголемиот дел од биолошката терапија само еден економски оператор има ексклузивно право за нивна продажба, таа е набавува на реверс, фактурите се изготвени од клиниката по склучување на јавната набавка. Не навлегувајќи во потребата од континуирано и навремено обезбедување биолошка терапија, констатираме дека воспоставениот начин на набавка влијае на почитување на начелото на конкуренција – рече тој.

Судењето продолжува со вкрстени прашања од одбраната.

Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.

Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот