Струмичките пожарникари може ќе земаат плата од 80.000 денари, ама од септември – Костадинов пред избори ќе ги покачува и платите во општината
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, најави дека во тек е подготовка на „историски договор со кој струмичките пожарникари-спасители од септември ќе станат најплатените и најценетите во цела држава“.
Препорачано
Тој вели дека „платата на секој пожарникар ќе достигне 80.000 денари“, а таа ќе биде надополнета и со разни додатоци. На пожарникарите ќе им биде бесплатно паркирањето и јавниот превоз во Струмица. Сето ова, вели Костадинов, „ако правната рамка го дозволи“, ќе стапи во сила од 1 септември.
Истовремено, Костадинов најави и предизборно зголемување на платите и на општинската администрација.
„Знам колку е тешко да се работи под притисок, со стотици обврски дневно и со желба да се излезе во пресрет на секој граѓанин. Токму затоа, предлагам на синдикатот да ги разгледа опциите – покрај веќе предвиденото зголемување на платите за 8%, да се направат измени во Колективниот договор и платата во септември да се зголеми за дополнителни 20% за сите вработени во општинската администрација. Само мотивирана администрација значи ефикасна и човечка локална власт“ вели Костадинов.


