Кај деветмина пациенти имало сомнителни наоди за непотребни кардиолошки операции, утврдиле странските експерти
„Од вкупно анализирани 13 предмети, поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај девет пациенти утврди сомнителни наоди“ рече Алиу.
Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција ги објави резултатите од странската комисија која ги анализираше сомнежите за можни непотребни кардиолошки и кардиохируршки интервенции во приватни болници. Тој рече дека од анализираните 13 случаи, кај девет биле утврдени сомнителни наоди.
Препорачано
„Од вкупно анализирани 13 предмети, поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четири пациенти констатираше дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса. Кај останатите девет пациенти, според странските експерти, документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувала несоодветна индикација за процедурите, било ендоваскуларни или хируршки“, рече Алиу.
Случајот за можни непотребни операции извршени заради финансиска добивка прв го отвори кардиологот Сашко Кедев, по што во јавноста се отворија сериозни сомнежи за евентуални непотребни интервенции врз пациенти.


