„Стоп за Усје“ ги стокми барањата: Не може да биде „деловна тајна“ што испуштаат индустриските капацитети во воздухот
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања од сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Првото од нив е мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 година да започне со континуирано мерење 24 часа 7 дена во неделата и јавно да се прикажуват податоците во реално време.
Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување, велат од иницијативата.
Оттаму бараат Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со Министерството за животна средина, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на Усје покаже загадување над дозволеното.
При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Сејф Сити“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани, е второто барање.
Третото барање е да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
Четвртото барање е важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат границите и да се заострат во однос на сегашните стандарди.
Од иницијативата бараат и целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород. Се бара акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето, запирање на активностите на рудникот за лапорец, најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина и поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста.


