Стојанче Стоилов е нов тренер на РК Бутел Скопје
Поранешниот македонски репрезентативец Стојанче Стоилов во текот на летото ќе го преземе кормилото на ракометниот клуб Бутел Скопје, откако потпиша договор на две сезони и ќе го замени Горан Кузманоски, кој заминува по крајот на оваа сезона.
Препорачано
Стоилов, кој во моментов е дел од стручниот штаб во сениорската машка репрезентација, по работата во Вардар, во РК Бутел Скопје ќе го има првиот ангажман како прв стратег и од клубот се надеваат дека заедно ќе пишуваат многу убави страници во клупската историја.
Во играчката кариера настапуваше за Металург, романскиот Одорхеи и Вардар, каде помина дури 13 сезони и освои две титули во Лигата на шампионите, 10 титули во македонската Супер лига, 11 трофеи во Купот на Македонија, како и пет титули во регионалната СЕХА лига.
– Сакам да се заблагодарам за довербата на раководството на Бутел Скопје. Ситуацијата во македонскиот ракомет е чиста – сега имаме четири клубови кои се помоќни финансиски од другите, но за да имаме силна репрезентација, другите клубови треба да посветат повеќе внимание на македонските млади играчи и да не купуваат странци. Бутел веќе има костур на екипата, иако има и млади ракометари, но тие имаат суперлигашко искуство. Би го дополнил ростерот со млади од други екипи за кои сметам дека може да станат големи играчи. Амбициите остануваат и за наредната сезона – пласман во плејофот, само со македонски ракометари – изјави новиот стратег на клубот.
Претседателот на Бутел Скопје, Бојан Спасовски, исто така истакна задоволство по потписот на договорот:
– Баравме идеално и квалитетно решение за клупата на Бутел Скопје. Имавме краток состанок со Стоилов и веднаш се договоривме. Станува збор за легенда не само во македонскиот ракомет, туку и пошироко. Со него ќе добиеме и на квалитет и на искуство на клупата, а во ростерот и натаму ќе имаме млади македонски играчи. Амбициите ни се високи, па затоа се договоривме за соработка на две сезони. Му даваме одврзани раце на Стоилов околу формирање на тимот, а ние како раководство ќе се потрудиме да му обезбедиме максимални услови за работа – вели Спасовски.


