Стоилковски тврди дека министерката Петровска сама си го нарачала извештајот за психичката состојба
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вели дека министерката за одбрана Славјанка Петровска сама си го нарачала извештајот. Доколку тој е вистинит, Стоилковски повикува на нејзино разрешување од функцијата.
Препорачано
Славјанка Петровска сама се донесе во ситуација да се дебатира за нејзината способност да го води министерството за одбрана. Извештајот за психичката состојба на Петровска во кој се наведени нејзината опседнатост, инхибиција и третманот со седативи, сама го нарачала и пуштила во правниот систем и доколку е во целост вистинит треба да резултира со нејзина оставка и одземање на нејзиниот безбедносен сертификат, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во одговор на новинарско прашање, тој појаснува дека доколку министерката влијаела врз лекарот да ги преувеличи нејзините симтоми за да добие оштета на суд, тогаш потребна е оставка од „морални причини“.
Тргнуваме од претпоставката дека Извештајот кој Петровска го нарачала е вистинит, бидејќи самата го доставила до пратеникот кого го тужи на суд, и оттука ја повикуваме Комисијата веднаш да и го одземе безбедносниот сертификат. Имено согласно Член 4 точка 13 од Уредбата за безбедност на лицата корисници на класифицирани информации стои дека лице кое страдало или страда од каква било болест или ментална или емоционална состојба која може да предизвика значителни недостатоци во неговото расудување или доверливост или може да го направи лицето, ненамерно, потенцијален безбедносен ризик, што се утврдува врз основа на медицинска документација е пречка за издавање на безбедносен сертификат, додава Стоилковски.
Го повика и премиерот Димитар Ковачевски „да не чека и да ја разреши Петровска“.
Пратеничката од редовите на владејачката партија СДСМ, Лидија Тасевска вчера изјави дека е очекувано однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Не сум изненадена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во континуитет води антиЕУ и антиНАТО кампања, хајка против министерката за одбрана. Тоа покажува дека тие не се реформирана партија, делуваат исто како што делуваа 11 години додека беа на власт и сега во опозиција. Тоа се навреди, омаловажувања, лична дискредитација. По таа линија се заедно со Левица токму затоа што тие покажуваат дека антиЕУ и антиНАТО кампањата за нив е секојдневие, вели Тасевска.
На седницата за пратенички прашања која се одржа во вторникот во Собрание, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, повикувајќи се на документ од специјалист-психијатар посочи дека Петровска секојдневно користи седативи и дискутабилно е дали може одговорно да ја извршува функцијата
Министерката Петровска најави тужба и одговори дека е здрава и стабилна да одговори на сите прашања, исто како што е здрава и стабилна да одговори на сите лаги кои пратеникот упорно ги изнесува.
Една од тужбите против Ковачки што ги најави Петровска е околу неговите тврдења дека преставници на военото разузнување биле уапсени во Косово додека биле таму во тајна мисија.
Ковачки од собраниската говорница: Петровска е на седативи, конфузна и опседната


