Стил на неделата: Илина Арсова, планинарка, алпинистка и ликовна уметница

фејсбук

Тања Трајковска, новинарка, за „Женски печат“ одбра стил на неделата, а според неа тоа е Илина Арсова, планинарка, алпинистка и ликовна уметница.

– Тешко ми е да пишувам на оваа тема, бидејќи си ветив себеси дека ќе се обидам да ја заклучам критичноста, во однос на севкупниот „стил“ на живот, кој го живееме во последно време. Си реков себеси бесмислено е да мислиш на тоа, а уште помалку да зборуваш за тоа, бидејќи, ништо не преземаш. А со тоа несторување и ти си соучесник во целата оваа приказна. Кога веќе немаш „три чисти“ да се спакуваш и да заминеш одовде, каде што дојдоа дивите, а ги избркаа питомите, за да живееш живот со стил, тогаш молчи, одгледувај цвеќе, прави букети, пишувај колумни, прави репортажи, читај книги, вози точак и чекај подобри времиња. Кога велам „живот со стил“, тука секако не мислам на живот од „високото добро утро“, или да бидам појасна, односно да се послужам со модерниот јазик, не мислам на гламурозен живот на висока нога. За да имаш стил, прво треба да си добро воспитан пред сè, за потоа стилот да ти биде природна состојба. Само тогаш имаш право да ги носиш високите потпетици, убавиот шешир или свилената наметка. Сеедно од каде си, кој си, кое е твоето образование, религија, сексуална определба, националност, боја на кожа. Убавото воспитување е алфа и омега на стилот. А бидејќи доброто воспитување е одамна на листата на чекање за повторно возобновување, тоа повлекува и стилот да биде во ќорсокак. Една од ретките личности на кои им се восхитувам е Илина Арсова.

Илина Арсова, фото Фејсбук

Нејзината убавина зрачи со чесност. Нејзините очи се искрени, длабоки, јасни. Нејзината мисла е бистра, отворена, искрена. Нејзината бестрашност е вонсериска. Таа жена ги освои сите највисоки планински врвови на светот. Таа жена знае што сака. Таа жена умее да го носи животот со сета своја шареноликост на своето лице. Кога е тажна плаче, кога е среќна се смее на цел глас. Кога е вљубена, на сите сака да им каже. Не се плаши да каже што мисли. Ниту еднаш не се издаде себеси. Би се обложила на неа, дека никогаш нема ниту вас да ве издаде. Кога ќе облече свечен фустан, изгледа толку многу слатко, оти тоа го направила за да ја испочитува свеченоста на која дошла. А кога е во алпинистичка опрема, таа е најсекси и таа е една од најубавите жени што сум ги запознала. За мене Илина Арсова е жената со најубавиот стил. Добрината, упорноста, чесноста и доброто воспитување. Друга таква не познавам. Не ја познавам лично. Еднаш само ми била на интервју пред седум-осум години. Би сакала да имам таква најдобра другарка, вели Тања Трајковска.

Тања Трајковска, новинарка

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот