Стевановиќ: Апаратите не се лек, тие се инструменти што ни купуваат време – Ковид-19 е болест за која никој во светот ниту е обучен, ниту имал искуство

Мислам дека веќе сме во период кога ризикот од наплив на голем број новоинфицирани пациенти го поминавме, но тоа не значи дека не треба и понатаму да се придржуваме до дадените препораки за заштита од Ковид-19, напротив, истакна во интервјуто за МИА директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Милена Стевановиќ

Вие сте во првите борбени редови во борбата против коронавирусот. Како се справувате?

– Условите во кои работиме се посебни, никој не искусил ништо слично, наша должност е да бидеме професионални, посветени, со повеќе грижа и трпение од кога било, како за болните така и за здравите и загрижени. Тука сме и на ниво на задачата што ни е дадена, поддршката од целиот здравствен систем, колеги, но и народ е од огромна помош да останеме исправени до крајот.

Дали имате доволно персонал, со оглед на тоа што досега генерално на Клиниката имаше недостиг од медицински персонал? Колку вработени се стручни да се справат со оваа состојба?

– Медицински персонал секогаш ни недостигал, сега повеќе од кога било, но помошта од колегите, средномедицинскиот кадар и помошен персонал од другите клиники кои се дојдени на помош ги задоволува потребите. Вистина е и дека секогаш има работа за уште еден пар раце. Симбиозата на различните експертизи во мултидисциплинарни тимови е неопходна за ефикасно следење на пациентите. Пациентите се повеќе коморбидитети и потреба од различни специјалности е голема.

Државата засега успешно се справува со заразата, нема преоптоварување на здравствениот систем. Дали е надминат ризикот од можен голем бран заболени?

– Мислам дека веќе сме во период кога ризикот од наплив на голем број новоинфицирани пациенти го поминавме, но тоа не значи дека не треба и понатаму да се придржуваме до дадените препораки за заштита од Ковид-19, напротив. Мерките се во сила и секој поединец мора да се придржува до нив за направените проценки да бидат точни.

Дали имате доволно заштитна опрема, лекови и медицински препарати?

– Засега имаме сè што е потребно да се заштитиме, како и лекови и потрошен медицински материјал. Континуирано се надополнуваат количините од сè што ни треба.

Дали сте задоволни од соработката со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, здравствените установи во другите градови… како и сите инволвирани во процесот?

– Соработка со колегите од Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, здравствените установи во другите градови секогаш сме имале, зад нас се искуства од повеќе различни состојби и епидемии, кои сме ги поминале заедно во исклучително добра соработка, Министерството за здравство е сервис што континуирано нè следи во сите потреби и ефикасно нè поддржува.

Веќе се оздравени речиси 1.000 пациенти. Од досегашните искуства, колку е најкраткиот период, а колку најдолгиот за излекување од Ковид-19? Колку во просек трае лекувањето?

– Лекувањето е подолго, просекот е околу 14 дена, но и многу подолго, пациентите се лекуваат индивидуално со блиско следење на нивните потреби. Некои пациенти и по добивање на два негативни резултати имаат потреба да го продолжат лекувањето, некои се испишуваат и со позитивен брис, практично здрави, иако таквите се многу поретки.

Каква терапија најчесто употребувате за лекување од коронавирусот?

– Специфичен лек што дејствува директно на вирусот не постои, ние ги користиме сите алтернативи од кои пациентите би можеле да имаат бенефит, се разбира прецизно, следејќи ги препораките. Се следи секој орган, виталните параметри и соодветно се реагира со терапија што би можела да помогне. Лекувањето е многу комплексно и имањето мултидисциплинарни тимови како нашите е од огромно значење за следењето на болните.

Дали е сè подготвено за лекување со крвна плазма?

– Конвалесцентна плазма е опција за лекување исто така, во светот имаат одредени успеси, Институтот за трансфузиона медицина направи сè за да се овозможи и оваа опција, има и многу оздравени луѓе кои несебично ја нудат својата помош за болните, подготвени се повеќе дози за апликација.

Дали има разлика од аспект на возраст кои органи се најзагрозени, бидејќи беше наведено дека коронавирусот не ги напаѓа само белите дробови? Дали воопшто има некаква поврзаност со возраста и полот?

– Поврзаност меѓу половите не согледувам, но возраста има сериозно влијание, како и другите коморбидитети во исходот и текот на болеста. Кај најтешките пациенти се следи мултиорганско зафаќање, белите дробови, црниот дроб, срцето, бубрезите, панкреасот, па и централниот нервен систем.

Колку се протоколите, што се применуваат за Ковид-19, вообичаени за лекување на Инфективната клиника? И дали се применуваат нови, од светска практика?

– Протоколите за интензивно следење и лекување на пациентите се постојни на Клиниката и според нив се работи. Потребата од нивно дополнување и проширување за пациенти со Ковид-19 беше повеќе од потребна и тоа беше сторено и ставено во функција по приемот на првите пациенти.

Неодамна почина 46-годишен пациент кој беше донесен во тешка состојба на Клиниката. Како може да се остави пациент со тешка клиничка слика на домашно лекување? До кој степен е пациент на домашно лекување пред да биде хоспитализиран?

– Пациентите на домашно лекување се следат континуирано од матичните лекари во тесна консултација со инфектолог, секое влошување се контролира на Клиниката и пациентите се хоспитализираат. Многу пациенти биле со развиени симптоми во тек на повеќе дена и не побарале никаква лекарска помош ниту, пак, се тестирале, ова се пациенти кои се донесени во критична здравствена состојба и првпат прегледани од лекар и тогаш направена дијагностика за Ковид-19.

Досега во земјата не е излекуван ниту еден пациент кој бил поставен на респиратор. Зошто смртноста на овие пациенти е толку голема? Тешката здравствена состојба, нестручност, необученост?

– Развојот на клиничката слика, зафатеноста на повеќе органи, исклучително брзата прогресија на болеста во одреден момент се причина за високата смртност кај пациентите на механичка вентилација. Апаратите не се лек, тие се инструменти што ни купуваат време, кое го користиме како шанса плус. Ковид-19 е болест за која никој во светот ниту е обучен ниту имал искуство. Светската медицина учи во движење и го споделува искуството, оттука и промените во ставовите. Ние не пропуштаме да го следиме секој напишан збор на оваа тема. Со нас се колеги од КАРИЛ, кои ни се од огромна помош, колега од Словенија, кој исто така работи со нас.

Дали се можни трајни последици по здравјето на оние кои ќе го преболат Ковид-19?

– Одговор на ова прашање ќе го добиеме во периодот што следува, со следење на пациентите кои прележале Ковид-19. Сега не може ни да се претпостави дали, какви и колку трајни последици би можеле да имаат оние кои ја прележале болеста.

Како се прераспределени одделенијата на Клиниката? Како се лекуваат останатите пациенти кои имаат потреба од вашиот третман, а се заболени од друга болест?

– Клиниката е цела посветена на Ковид-19, нашите хронични пациенти кои немаат потреба од хоспитално лекување се организирани за контроли и третман во дел од клиниката што нема никаков физички допир со делот каде што се третира Ковид-19, се разбира препораките за превенција се спроведуваат во целост. Останатите болести што се третираат од инфектолог се лекуваат по други клиники, а ние во редовна комуникација со колегите ја препорачуваме терапијата и следењето на болните. Досега имавме одлична соработка со сите колеги.

Бидејќи Ковид-19 е нешто ново и неоткриено, потребна е размена на искуства. Како во ваква ситуација разменувате искуства со докторите во странство? Чии методи најчесто применувате?

– Технологијата ни е од огромна помош за остварување брза и лесна комуникација со светот. Редовно сме приклучени на состаноци каде што има дискусија и ги споредуваме нашите искуства, сознанија и дилеми со колегите од светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот