Стефани Фрапар, судијката која го воодушеви фудбалскиот свет и ги руши стереотипите

Ливерпул по подобро изведување на пенали го совлада Челси во Европскиот Супер куп, но освен по четвртиот триумф на „црвените“ во ова натпреварување, вчерашната пресметка ќе остане запомнета и по уште една работа.

За прв пат во историјата на европскиот фудбал, еден од најважните натпревари го судеше женски судија, Стефани Фрапар која им ги „украде“ насловните страници на фудбалерите на Ливерпул.

Стефани Фрапар неодамна го судеше и финалниот дуел од женското Светско првенство помеѓу САД и Холандија, а се наоѓа и на листата на главни судии во француската Лига 1.

Таа минатата сезона кога за прв пат делеше правда во Лига 1, и на натпреварот помеѓу Амиен и Стразбур, ја дочека транспарент на кој пишуваше: „Добредојдовте на Стад де ла Ликорн, госпоѓо Фрапар. Да живеат жените во фудбалот“.

Нејзиниот деби настап во светот на мажите беше следен од медимуите, кои на крајот останаа воодушевени од тоа како Фрапар го судеше натпреварот.
„Постојано гледавме како пред натпреварот го прегледуваше теренот, како се загреваше, а потоа и ја следевме нејзината прва судиска одлука. На крајот на натпреварот, сфативме дека од сите 23 луѓе на теренот, Стефани донесе највеќе точни одлуки“, објавија француските медиуми.

До тој момент, во петте најсилни лиги на светот, само една жена била главен судија на натпревар во машка конкуренција, Бибиана Стеинхаус во 2017 година судеше натпревар од Бундес лигата.

– Многу пати зборував за можностите за женскиот фудбал, но и дека воопшто во фудбалот не смее да има бариери. Пресреќен сум што Стефани Фрапар ќе биде главен судија на овогодинешниот Супер куп – изјави неодамна, Александер Чеферин, претседателот на УЕФА.

Задоволство од тоа како го судеше вчерашниот натпревар искажа и тренерот на Челси, Френк Лампард.
– Среќен сум и чест ми е што бев дел од овој историски момент – рече Лампард.

Реакциите за нејзиното судење се позитивни и од експертите и од медиумите. Сите се воодушевени од нејзиниот пристап, таа судеше без грешкка, а одлично се носеше и со приговорите на фудбалерите за нејзините одлуки со кои тие не беа задоволни.

– Пресреќна сум што покажав дека не постојат невозможни работи. Младите девојки кога ќе ме видат на ТВ екраните знаат дека тоа е возможно. Се надевам дека ќе ги поттигнам да ги следат своите соништа – изјави Стефани Фрапар која на голема врата влезе во машкиот фудбал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот