Старт на судски процес на обвинителка контра опозиција: Рускоска претрпела душевна болка од изборните спотови на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Слободен печат

Со денешното подготвително рочиште во граѓанскиот суд во Скопје, почна судскиот процес во кој обвинителката Вилма Рускоска ја тужи ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на нејзиниот лик и име во спотовите на опозициската партија за време на кампањата за предвремените парламентарни избори.

Во тужбата на Рускоска, која претрпела душевна болка и анксиозност, покрај опозициската партија се опфатени и Коалицијата „За обнова на Македонија“, потоа Христијан Мицкоски како претседател на партијата и донеодамнешниот генерален секретар, Игор Јанушев како овластен претставник на Коалицијата.

Рускоска смета дека е неправедно претставена оти работи под диктат на владеачката СДСМ и бара финансиски надоместок од 10.000 евра од партијата. Таа денеска во судница се соочи со правните застапници на тужената страна, но не и со Мицкоски и со Јанушев.

– До денеска, тужените не доставија докази за двете клевети. Тие требаше да истакнат и докази дека тужителката Русковска ја врши функцијата под влијание на политичка партија“, изјави Панче Ефтимов, адвокат на Вилма Рускоска.

Од опозицијата аргументираат дека таа како функционер во правосудството треба да има поголема толеранција за критиката и дека треба да докаже дека е наклеветена.

– Ова е обид на саркастичен и автентичен начин да се искритикува работата на владејачката СДСМ и на нејзините институции. Ова е во согласност со одлуките на Европскиот суд за човекови права и слободи и членот 10 за слобода на говор и информирање на јавноста. Со паричната отштета тужителката ја плаши слободната критична мисла во државата”, рече Панче Тошковски, адвокат на ВМРО-ДПМНЕ.

За предизборниот спот на ВМРО-ДПМНЕ, Русковска испрати опомена пред тужба, а реагираше и судијката Добрила Кацарска која исто така се најде во видеото. Кацарска нема да поднесе тужба, а Русковска најави дека доколку добие 10.000 евра од тужените, средствата ќе ги донира во СОС детското село.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот