Израел - Либан | Илустрација, извор Х

Израел му подаде една рака на Либан, но другата ја крие зад грб

Либанскиот премиер Наваф Салам изрази надеж дека договорот со Израел за примирје ќе им овозможи на раселените жители да се вратат во своите домови. Но, според досегашното искуство, постои шанса да не се случи такво нешто ако се има предвид неуспехот на претходните обиди за одржување на прекинот на огнот меѓу двете страни во 2024 година.

Прекинот на огнот меѓу Израел и Либан отвори краток прозорец за деескалација по повеќенеделниот конфликт што го вовлече Блискиот Исток во нова криза, откако САД и Израел го нападнаа Иран. Договорот беше постигнат откако страните оваа недела одржаа ретки директни разговори во Вашингтон.

По прогласувањето двонеделно примирје меѓу САД и Иран, со можност за постигнување траен мир на следните преговори, претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека лидерите на Израел и Либан се согласиле на 10-дневен прекин на огнот, кој во четвртокот стапи во сила, па се пофали дека ова му е десеттата војна што ја запрел, дискутабилно тврдење, но нештата тргнаа во подобра насока. Трамп првин не ја спомна проиранската милитантна група Хезболах во Либан, со која Израел се бори веќе некое време, но во подоцнежна објава на „Трут сошал“, претседателот ја повика групата да го почитува примирјето велејќи:

– Се надевам дека Хезболах ќе се однесува убаво и коректно во овој важен период.

По објавата, американскиот претседател ги покани израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Жозеф Аун во Белата куќа за понатамошни разговори.

Светските лидери го поздравија примирјето, но со внимателен оптимизам. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека договорот претставува „олеснување“, нагласувајќи дека конфликтот веќе однел премногу животи и дека мора да се отвори пат кон траен мир, а слична порака испрати и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој потврди дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Либан.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, го нарече прекинот на огнот „клучен чекор“, додека, пак, Обединетите Арапски Емирати повикаа на спречување на нова ескалација и на создавање услови за стабилност.

Што се договорија Израел и Либан?

Условите на договорот предвидуваат прекинот на огнот да трае 10 дена, со можност да биде „продолжен со заемна согласност“ доколку преговорите покажат напредок.

Според дополнителни детали од Стејт департментот, Израел го задржува „правото да ги преземе сите неопходни мерки за самоодбрана, во секое време, против планирани, непосредни или тековни напади“. Либан мора да преземе „значајни чекори“ за да спречи Хезболах и други „неконтролирани вооружени недржавни групи“ да напаѓаат израелски цели. Во договорот се признава дека силите на Либан имаат исклучива одговорност за безбедноста во земјата. Израел и Либан побараа САД да продолжат да посредуваат во директни разговори за „решавање на сите преостанати прашања“, а во изјавата на Стејт департментот се додава дека примирјето е „гест на добра волја“ од страна на Израел, со цел да се овозможат „искрени преговори за траен безбедносен и мировен договор“.

Нетанјаху го нарече примирјето „можност за историски мировен договор“, но и покрај тоа, премиерот изјави дека израелските трупи ќе задржат „безбедносна зона“ во јужен Либан, која е длабока 10 километри, бидејќи „зоната е потребна за да се спречи опасноста од инвазија“.

– Ние сме таму и нема да заминеме – увери Нетанјаху во изјава што навестува дека војската нема веднаш да се повлече и покрај „добрата волја за постигнување траен мир“.

Ваквите маневри честопати оставаат простор за нови напади доколку Израел процени дека му е загрозена безбедноста или ја користи таа реторика за да изврши нови напади поради други причини.

Либанскиот премиер Наваф Салам изрази надеж дека договорот ќе им овозможи на раселените жители да се вратат во своите домови. Но, според досегашното искуство, постои шанса овој договор да не им овозможни такво нешто на раселените жители бидејќи слична ситуација веќе се случи по прекинот на огнот меѓу Израел и Либан во ноември 2024 година. И тогаш раселените цивили почнаа да се враќаат во јужен Либан веднаш по договорот, очекувајќи прекин на насилството. Но, бргу потоа двете страни почнаа да се обвинуваат за прекршување на договорот, израелската армија отвори оган врз дел од повратниците, продолжи да извршува воздушни напади и не се повлече целосно од јужен Либан. Наместо вистински мир, следуваше период на чести прекршувања на договорот.

Хезболах и тогаш сигнализираше подготвеност да учествува во договорот, но истакнуваше дека мора да има „целосен прекин на нападите“ низ Либан и „никаква слобода на движење за израелските сили“.

Ќе постигне ли нешто овој договор?

Иако примирјето засега ја олеснува ситуацијата, неговата одржливост ќе зависи од многу повлијателни фактори, пред сè од исходот на американско-иранските преговори и од подготвеноста на регионалните актери за компромис, но најсилен фактор е спремноста на Израел и на Хезболах за компромис.
Вториот важен фактор е исходот од преговорите со Иран. Без решавање на клучните прашања од нуклеарната програма на Иран до статусот и улогата на Хезболах, примирјето ризикува да остане само уште една кратка пауза до следните израелски напади. Кога беше објавен прекинот на огнот со Иран, имаше спротивставени информации дали Либан е вклучен. Пакистан и Иран тврдеа дека е, додека, пак, Израел и САД негираа.

Израел започна нови напади врз Либан на 2 март како одговор на нападите од Хезболах, по американско-израелските напади врз Иран. Според либанското Министерство за здравство, повеќе од 2.100 луѓе се убиени, а 7.000 повредени во израелските напади од 2 март, па наваму, меѓу нив најмалку 260 жени и 172 деца. Исто така, загинале 91 здравствен работник, а 208 се ранети, а се регистрирани над 120 напади врз амбулантни возила и медицински установи.
Анализа на Би-би-си покажува дека се уништени повеќе од 1.400 објекти во Либан. Од друга страна, пак, нападите на Хезболах убиле двајца цивили во Израел, додека, пак, 13 израелски војници загинале во борби во Либан.

Во четвртокот, израелската војска го уништи последниот мост што го поврзува југот со остатокот од земјата, дополнително изолирајќи го регионот и зголемувајќи ги стравувањата од долгорочна можнда окупација.

Му забранив на Израел да го бомбардира Либан, вели Трамп: „Доста е!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот