Српските медиуми од 1 ноември се обврзани да ја прекинат програмата и да објават исчезнување на дете

Фото: pickpik.com

Српските медиуми од 1 ноември ќе бидат законски обврзани да прекинат програма во живо и да објават доколку има исчезнување на дете како дел од системот за алармирање во случаи на исчезнати деца „Amber alert“, пренесуваат српските медиуми.

Системот „Најди ме“ ќе започне да функционира од следниот месец а основачот на фондацијата „Тијана Јуриќ“, Игор Јуриќкој се залага за имплементација на системот, вели дека при исчезнување на дете, со налог од полицијата, медиумите имаат обврска во истиот момент да ја прекинат програмата и да објават форматиран плакат на кој ќе има фотографија од детето и неговите податоци.

„Исто така, сите телевизиски станици во Србија ќе имаат обврска да ја прекинуваат програмата на секои 30 минути во првите осум часа и да ја објавуваат оваа информација или евентуално дополнета со нови информации. По осум часа, а до крајот на 48 часа, оваа информација ќе мора да ја објавуваат на секој час истата информација, или ако детето се најде порано, ќе се објави дека детето е пронајдено“, изјави Јуриќ.

Тој додаде дека, доколку детето не биде пронајдено по 48 часа, полицијата ќе продолжи со постапките и доколку е потребна дополнителна поддршка од медиумите, полицијата ќе ги контактира, за да излезат со некои нови дополнителни информации.

Игор Јуриќ напоменува дека мобилните оператори ќе испраќаат и СМС пораки во првата фаза додека не пристигне системот за емитување, каде граѓаните ќе добиваат информации преку базните станици, а информациите ќе ги објавуваат и железничките и автобуските станици кои во моментов имаат технички можности.

Јуриќ посочува дека наместо полетувања и слетувања на авиони, аеродромот „Никола Тесла“ во истиот момент ќе ја пренесува информацијата дека исчезнало дете и дека во втората фаза од системот „Најди ме“ патиштата во Србија, нафтените компании, социјалните мрежи и други фактори ќе бидат обврзани да ја објавуваат информацијата и дополнително ќе придонесат за што побрзо ширење на информациите за исчезнувањето на детето.

„Имавме тешки ситуации, грешки што ги направивме, нешто каде што не реагиравме навреме, што сега го искористивме на најдобар можен начин за да го прилагодиме системот на нашата земја и да направиме нешто што е подобро отколку во Америка или земјите од Западна Европа“, оцени тој.

Според него, во Србија секоја година во просек се пријавуваат за исчезнати меѓу 1.300 и 1.500 деца, кои главно ги напуштаат своите семејства поради различни околности.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот