Српски БИРН направи атлас на надзорот: Каде се системите за препознавање на лице, глас, таблички и анализа на однесување?
Камери што го препознаваат лицето додека поминувате низ училишната капија. Микрофон во автобус што го снима разговорот. Систем што може да ја поврзе регистарската табличка со рутата на движење низ повеќе градови.
Препорачано
Во последниве пет години, стотици јавни институции во Србија набавиле повеќе од илјада парчиња опрема за надзор – од камери со функции за препознавање лица, за следење регистарски таблички и анализа на однесување, преку камери што снимаат и анализираат звук, сè до дронови, кои повеќекратно зумираат и прават термално снимање.
БИРН Србија, во повеќегодишното истражување собра податоци од јавните набавки за опремата за надзор и ги мапираше на интерактивна платформа.

Податоците се прибирани од јавно достапна документација, со помош на интерната алатка „ТендерСпај“, развиена за систематско следење на јавните набавки.
На тој начин се овозможува детален увид во тоа каде во Србија се користат камери што препознаваат лица и регистарски таблички, каде се снима и звук, кој поседува софтвер за анализа на однесувањето и како се шири мрежата на уреди што можат да го следат движењето на луѓе и возила.
Сепак, количеството набавена опрема за надзор е значително поголемо, бидејќи српското Министерство за внатрешни работи, војската на Србија, Воено-безбедносната агенција, Воено-разузнавачката агенција и Безбедносно-информативната агенција, ваков вид опрема набавуваат по посебни процедури.
Експертите за БИРН велат дека наведените видови опрема имаат безбедносна улога, но носат ризик од злоупотреба, особено кога станува збор за приватноста на граѓаните.

„Правото на приватност е уставна категорија и кога немате соодветна основа да навлегувате во приватноста, тоа не треба да се прави. Оваа технологија се разви со преселбата на голем дел од живеењето во онлајн-сферата. Правото не ја следеше технологијата. Многу често се случува проблемите да се натрупаат, за дури потоа да се носи регулатива“, вели за БИРН, адвокатот Милош Стојковиќ.
Ваквиот надзор не се однесува само на вработените во институциите, туку и на граѓаните што ги посетуваат тие објекти или поминуваат покрај нив. Во случаите на градовите што поставуваат камери на јавни места, надзорот опфаќа широк круг луѓе и отвора прашања за рамнотежата меѓу безбедноста и приватноста.
Прашањата што се наметнуваат не се само технички – колку долго се чуваат снимките, кој може да ги користи и за кои цели – туку и етички, бидејќи ваквите системи можат да ја загрозат приватноста, слободата на движење и правото на собирање, особено кај чувствителните групи.
„Овие активности го прошируваат ‘социјалното сортирање’ на популацијата во различни категории, така што со луѓето може да се постапува различно, во зависност од тоа каде се евидентирани. Тоа главно се случува без знаење на јавноста, а дури и кога постои свест за тоа, ретко се преземаат понатамошни чекори. Ова се сериозни прашања што не се однесуваат само на приватноста“, вели за БИРН Дејвид Лајон од Квинс универзитетот во Кингстон, Канада.
Истражувањето доаѓа откако во изминатите две години, новинарите на БИРН документираа нелегален дигитален надзор над активисти и новинари, вклучително и отклучување телефони со форензичка опрема на компанијата „Селебрајт“ и инсталирање на домашниот шпионски софтвер Новиспај, како и израелската програма Пегазус.


