Илустрација / Фото: Vadym Drobot / Alamy / Alamy / Profimedia

Срцето прекинало да ѝ чука во сон: Здрава девојка била клинички мртва, свршеникот ја реанимирал осум минути

Во тишината на една обична августовска ноќ, срцето на Марија Смит едноставно престанало да чука. Совршено здрава 27-годишна девојка била клинички мртва, но животот ѝ го спасила брзата реакција на нејзиниот свршеник, кој ја реанимирал сè до пристигнувањето на итната помош.

Марија била олицетворение на здравје. Летото 2023 година го поминала како и секоја друга девојка во дваесеттите – планинарејќи по италијанските Доломити и одмарајќи во Турција, без никакви здравствени проблеми или чувство на отежнато дишење. Но, само неколку недели подоцна, нејзиното срце ненадејно застанало. Младата жена се срушила, престанала да дише и била клинички мртва ,пишува „Сан“.

– Животот ми го спаси мојот свршеник – раскажала Марија, која денес има 29 години.

Се сеќава дека таа августовска вечер во 2023 година за вечера јадела печурки на тост, а потоа си легнала. Нејзиниот партнер, 33-годишниот Џејми, се разбудил околу пет часот наутро и ја затекнал како се бори за здив.

– Ме викал, но не сум реагирала. Наводно, усните почнале да ми посинуваат. Бев клинички мртва. Подоцна дознав дека срцето не ми чукало помеѓу десет и дваесет минути – рекла таа.

Срцев застој се случува кога срцето одеднаш престанува да пумпа крв, поради што мозокот останува без кислород. Џејми брзо реагирал и повикал итна помош, а операторот го водел низ постапката за реанимација. Итната помош пристигнала за осум минути, ја оживеале со дефибрилатор и ја пренеле во блиската болница „Сент Џорџ“.

Марија била ставена во индуцирана кома за нејзиното тело да се опорави.

– Болничарот му рекол на Џејми: „Се надевам дека знаете дека ѝ го спасивте животот“. Тој бил во целосен шок. Да не започнел со реанимација, ќе умрев, бидејќи тоа го одржувало протокот на крв додека срцето повторно не почнало да чука. Да се прави тоа осум минути мора да било физички исцрпувачки –  се присетила Марија.

Подоцна лекарите ѝ рекле дека е вистинско чудо што преживеала без никакво оштетување на мозокот. Стапката на преживување при вонболнички срцев застој е помала од еден на десет. Според податоците на Британската фондација за срце, во Велика Британија годишно се случуваат повеќе од 40.000 вакви случаи, кои можат да погодат секого, на која било возраст, а Марија е доказ за тоа.

Една недела по срцевиот застој, испитувањата откриле дека Марија боледува од дилатативна кардиомиопатија и срцева слабост. Станува збор за неизлечлива болест при која срцевите комори се зголемуваат, а мускулите стануваат послаби и потенки. Во нејзиниот случај се покажало дека состојбата е генетски условена.

На Марија ѝ бил вграден кардиовертер-дефибрилатор, уред што постојано го следи срцевиот ритам и испорачува електрични шокови доколку открие опасни или неправилни отчукувања. Пред ова искуство, признава, проблемите со срцето не ѝ биле ни на крај памет.

– Си мислев, имам 27 години и слабо срце. Тоа нема никаква смисла. Дефинитивно мислев дека срцевите проблеми им се случуваат само на постарите луѓе. Мислам дека е важно да се разбиe таа заблуда -рекла Марија.

Истражувањата ги потврдуваат нејзините сомнежи. Дури три четвртини од луѓето што живеат со кардиоваскуларни болести се согласуваат дека многумина погрешно веруваат оти тие ги погодуваат само постарите лица.

Марија признава дека најтешко ѝ паднала информацијата дека поради лековите и состојбата на срцето веројатно нема да може да забремени.

– Психички тоа најтешко го прифатив. Сепак, Џејми и јас сме оптимисти дека еден ден ќе основаме семејство – открила таа.

Двојката планира венчавка во јуни 2027 година, откако Џејми ја запросил осум месеци по срцевиот застој.

– Ова искуство ме натера да го живеам животот, наместо да се плашам. Повеќе не се грижам за ситници. Срцето не ми е во најдобра состојба, но се надевам дека имам уште 60 години пред мене. Во меѓувреме, го сакам својот живот и можеби, на некој чуден начин, ова беше благослов – затоа што сега навистина го живеам – заклучила таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот