Србија руши рекорди со странските директни инвестиции, Кина, Холандија и Луксембург со најголем придонес
Оваа година Србија постави нов рекорд во привлекување странски директни инвестиции (СДИ). Со ова неодамна на Инстаграм се пофали и српскиот претседател Александар Вучиќ, иако една недела претходно веста ја објави гувернерката на Народната банка на Србија (НБС), Јоргованка Табаковиќ.
„СДИ заклучно со 30 октомври изнесуваат 4,47 милијарди евра“, рече Табаковиќ минатата недела.
Во првата половина од годинава вредноста на СДИ изнесувала 2,3 милијарди евра, што значи дека за четири месеци странските инвестиции се речиси двојно зголемени. Претседателот Вучиќ неделава најави дека ќе има повеќе инвестиции во следните 20 дена, пренесува Данас. Кина, Холандија и Луксембург се најголемите инвеститори. НБС е единствената која објавува официјални податоци за странските директни инвестиции, а тие се објавени по земја и гранка на дејност.
Последните податоци објавени на веб-страницата на НБС се однесуваат на првата половина од оваа година, а според тие податоци најмногу пари доаѓаат од Кина, Холандија и Луксембург. Во првите шест месеци од годинава кинеските компании инвестирале 697,9 милиони евра, потоа следуваат компаниите од Холандија кои инвестирале 527,8 милиони евра, а на трето место се компаниите од Луксембург со инвестиција од 312,3 милиони евра.
Збирно, најголемиот инвеститор во Србија е Европската Унија, а вкупните инвестиции на сите членки во првата половина од годинава изнесуваат повеќе од една милијарда евра. Странските директни инвестиции за една година опфаќаат инвестиции на компании кои за прв пат доаѓаат во земјава, како и инвестиции на постоечки компании кои одлучиле да го прошират своето работење.