Србија ја зголеми емисијата на обврзници за EКСПО 2027

влада на република србија
Влада на Република Србија / Фото: МИА

Владата на Србија ја промени првичната одлука за финансирање инфраструктурни проекти за ЕКСПО 2027 преку издавање државни обврзници во вредност од 110 милијарди динари, со што одлучи емисијата на обврзници да биде во вкупна вредност од 150 милијарди динари.

Република Србија на 18 јануари продаде осумгодишни државни обврзници во износ од 63,15 милијарди динари и тоа беше трета продажба на дел од обврзниците наменети за финансирање инфраструктурни проекти во рамките на специјализираната светска изложба ЕКСПО Белград 2027.

Приносот беше 6,15 проценти на годишна основа, пишува Н1. Втората аукциска продажба беше во декември 2023 година во износ од 90,8 милијарди динари, со стапка на принос од 6,30 отсто.

Првата аукциска продажба на обврзници наменети за финансирање проекти за ЕКСПО 2027 беше во октомври 2023 година, во износ од 19,19 милијарди динари, по стапка на принос од 6,39 отсто на годишна основа.

Купувачи на српски државни обврзници, на третата аукција, како што напиша Форбс Србија, биле странски инвеститори, пред се со седиште во САД, Велика Британија, но и Европа, а меѓу нив, според Народната банка на Србија, имало најмногу банки, пензиски фондови и осигурителни компании.

Како што се наведува во НБС, најголеми индивидуални инвеститори во споменатите обврзници биле домашните банки. Тие инвестирале во речиси половина од вкупната продадена сума.

„Република Србија, со продажба на репер обврзницата, меѓу другото, ќе обезбеди средства за поддршка на инфраструктурни проекти во рамките на специјализираната светска изложба EКСПО Белград 2027, која ќе се организира во Белград во 2027 година“, соопшти тогаш Управата за јавен долг.

Рокот на достасување е осум години. Со новата Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за емисија на долгорочни државни хартии од вредност, вкупниот износ на емисијата е зголемен за 40 милијарди динари – на 150 милијарди динари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот