Списание: Излезе нов број на „Стремеж“

Вториот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ за 2020 година донесе повеќе стандардни рубрики во кои се објавени поезија од Васил Тоциновски, Слободан Беличански, Марина Икономова-Шокева и хаику поезија од Пере Ристески, како и проза од Митко Маџунков, Светлана Камџијаш, Ана Стојаноска, триптих раскази од Сашо Димоски и извадок од необјавениот роман „Деса“ на Ивана Трајаноска.

Во рубриката Нови гласови, „Стремеж“ ја промовира поезијата на македонската авторка Мариета Дукиќ. Во рубриката Препеви, преводи застапена е поезија од Васко Попа и од Новица Тадиќ во препев на Никола Маџиров, песни од албанскиот поет Ариан Лека во препев на Сашо Огненовски и песни од полската поетеса Кристина Домбровска, препеани од полски на македонски јазик од Звонко Димоски.

Во рубриката Критики, есеи, студии Љјерка Тот-Наумова пишува за поетската збирка „Кристален дворец“ на Игор Поп Трајков, објавена е интерпретацијата на прозата „Последната новела“ на Тања Урошевиќ од страна на Елизабета Баковска, рецензијата на Марија Ѓорѓиева Димова за романот „Страв од варвари“ на Петар Андоновски, есејот на Добрила Грашеска за расказите од „Приказни за краткоста“ на Габриела Стојаноска-Станоеска, освртот на Елена Конеска за романот „Свинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски и промотивната реч на Габриела Стојаноска-Станоеска за романот „Каде што реката го бакнува небото“ од Билјана Тинтоска.

Во рубриката Драма, Театар промовиран е драмскиот текст „Спортска му е мајката“, комедија од Сузана Ѓорѓиевска. Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот