Спикер денеска нема да се избира

На собранискиот сајт и официјално осамна известување дека денеска точно напладне ќе се конституира десеттиот парламентарен состав.

На дневниот ред на седницата се четири точки. Првата e избор на претседател и членови на Верификационата комисијата на Собранието; Втората, верификација на мандатите на пратениците; Tретата, избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и четвртата точка, избор на претседател на Собранието.

Собраниски извори за Слободен печат неофицијално велат дека денеска нема да се избира новиот спикер, бидејќи оваа позиција ѝ припаѓа на Коалицијата која ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник во Собранието.

И додека во јавноста се шират разно-разни шпекулаци, извори во партиските табори на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ велат дека сеуште нема конкретен договор за нова влада. Неофицијално, потврдуваат од партиите дека течат меѓупартиски преговори, но дека сеуште е рано за обелоденување на резултатите од партиските преговори.

Со изборот на новото Собрание почнуваат да течат законските десет дена за меѓупартиски договор за новата влада.

Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Законодавниот дом, да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партии што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, треба да поднесе програма и предлог состав на Владата до Собранието.

Претседателот Пендаровски минатата недела најави дека мандатот за состав на идната влада ќе го довери на оној кој ќе увери дека обезбедил мнозинство во Собранието. Посочи дека уставната норма е кристално јасна – мандатот го добива кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието и тука претседателот нема буквално никаков маневарски простор.

Собранието е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Народните израницие се избираат за време од четири години.

На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

Конститутивната седница ќе се одржува под посебни здравствени протоколи поради заразата од КОвид 19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот