Спалети го повика капитенот на Фиорентина за мечевите со Македонија и Украина
Левиот бек Кристијано Бираги е повикан во италијанската фудбалска репрезентација за последните два натпревари во квалификациите за ЕП 2024 против Македонија и Украина.
Препорачано
Како што соопшти денеска Италијанската фудбалска федерација, 31-годишниот капитен на Фиорентина се приклучи на тренинг кампот на актуелниот европски шампион. А исто така е повикан и дефанзивецот Мануел Лаѕари, фудбалерот на Лацио.
Селекторот на Италија, Лучијано Спалети има многу проблеми со повредите на играчите, бидејќи не може да смета на Мануел Локатели, Давиде Калабрија, голманот Алекс Мерет и Рафаел Толои.
Во пресрет на решавачките натпревари, Италија е трета во табелата во групата „Ц“ со 10 бода од шест натпревари. Англија веќе се пласираше на Европското првенство во Германија и е прва на табелата со 16 бодови од шест натпревари.
Украина е втора со 13 бодови од седум натпревари, Македонија има седум бодови од шест натпревари, додека Малта е последна без бодови.
В петок Италија на „Олимпико“ ќе игра против Македонија, а в понеделник во Леверкузен гостува кај Украина.
Првопласираните две репрезентации од секоја квалификациска група директно ќе се пласираат на Европското првенство во Германија во 2024 година.


