Современи балкански автори ќе се сретнат на 10. „Про-за Балкан“ во Скопје

Десетина писатели, издавачи, уредници од регионот и пошироко ќе бидат гости на јубилејното 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 18 до 21 септември во Скопје.

На годинашната добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, македонската писателка Оливера Николова, ќе ѝ се придружат писателите Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Владислав Бајац, Елена Алексиева и Томислав Османли. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето на 18 септември, во Даут-пашиниот амам од 20 часот.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и разговор со хрватскиот режисер и сценарист Рајко Грлиќ, чиј филм „Караула“ ќе биде прикажан на 21 септември во Кинотеката. Разговорот со Грлиќ ќе се случи на вториот фестивалски ден, од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, каде што од 21 часот Пијан Славеј, познат како музички перформер, автор и вокален солист во групата „Фолтин“, ќе одржи музички перформанс како дел од промоцијата на неговата трета поетска книга „Полиграф“.

Во рамките на десеттото издание на „Про-за Балкан“ ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Литература/ општество/ критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)“.

Фестивалот ќе биде затворен на 20 септември во Даут-пашиниот амам. На третата фестивалска вечер видео обраќање ќе има годинашната добитничка на наградата „Прозарт“, Оливера Николова, а писателите ќе читаат извадоци од нивните дела. Во сеќавање на Луан Старова, ќе биде прочитан и извадок од негово дело.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „Про-за Балкан“ се Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Францускиот институт во Скопје, Кинотека, Национална галерија, „Спона“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 146, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот