Современа технологија за промоција на археолошкото богатство на Стоби

Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ во соработка со археолозите на локалитетот Стоби на 22 ноември ја презентираше мобилната апликација „Immersium“.

Голем број посетители имаа можност да почувствуваат како е да чекориш по стапките на римскиот император Теодосиј за време на неговата прва посета на археолошкиот локалитет Стоби, за која има записи дека се случила кон крајот на 4 век од н.е. Впечатливото искуство е благодарение на мобилната апликација „Immersium“, која овозможува уникатно културолошкo искуство со истражување, едукација и забава.

На презентацијата на апликацијата се обратија Спасе Перовски, директор на Стоби; Димитар Николовски, археолог во Стоби; Александар Меламед, претставник на делегацијата на ЕУ, и Милан Танчески од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“.

Дигиталната апликација „Immersium“ овозможува нов начин на истражување на богатото културно наследство преку користење современи технологии, кои го ставаат посетителот во центарот на едно ново културолошко искуство. Преку апликацијата, посетителот добива улога во самата приказна и можност за виртуелна интеракција со историските објекти и ликови додека го истражува локалитетот. Ваквиот начин на претставување на културното наследство има за цел да привлечe една нова генерација посетители на археолошките локалитети, кои бараат нови интерактивни доживувања преку користење современи технологии.

– Новото време бара постојана адаптација, креативност и иновативни начини за да се приближат вистинските вредности, особено до новите генерации. Апликацијата „Immersium“, која e во функција во Словенија, Србија и во Македонија, ја работевме со огромен ентузијазам и искрено се надеваме дека и други институции од земјава и од странство ќе се вклучат во овој бран. Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ во континуитет работи на развој на дигитални апликации кои имаат моќ да го редефинираат начинот на кој им пристапуваме на културните вредности и нудат нов начин на доживувања на самите културни добра – истакнува Милан Танчески од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“.

Дигиталната апликација „Immersium“ е продукт на двегодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), плод на соработка помеѓу седум институции од пет балкански земји: Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско (Северна Македонија), Центар за социјални иновации „Блинк 42-21“ (Скопје, Северна Македонија), Универзитет Аристотел (Солун, Грција), фондацијата „Балканско наследство“ (Софија, Бугарија), Институтот за археологија (Белград, Србија), Градски музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и „Nexto“ (Словенија).

Со „Immersium“, посетителите имаат можност преку интерактивен водич (кратки игри, аугментирана реалност, квизови, реконструкции и др.) на мобилниот телефон да искусат дел од секојдневието на жителите на Стоби од крајот на 4 век од н.е. (поточно во 388 година од н.е.), што претставува и единствена досега потврдена посета на римски император во Стоби – на императорот Теодосиј. Проектот е финансиран од Европската комисија преку програмата „Креативна Европа“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 156, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот