Совети од градинарот „Цветко“: Нека растенијата ве потсетуваат дека животот не е трка
„Живееме како да трчаме маратон со ритам на спринт. Деновите ни минуваат во бескрајни листи со обврски, со постојаното „уште ова, па ќе се одморам“. Но вистината е дека иднината не можеме да ја стигнеме побрзо ако трчаме кон неа. Не можеме да ја контролираме. Имаме само сега. Сегашниот момент. Нашите постапки. Нашата нежност кон себе, кон другите, кон светот околу нас“, вели Предраг.
Постојано брзаме, имаме многу обврски и притисок дека треба да постигнеме повеќе, па често забораваме да застанеме и да здивнеме. Но, растенијата во нашите домови, се тие што може да нè научат на трпение, присутност во моментот и нежност, вредности што лесно се губат во динамичниот ритам на модерното живеење.
Препорачано
Предраг Митрикески-Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природата. Иако работи во сферата на маркетингот, тој секогаш наоѓа време да им се посвети на природата и на грижата за растенија.
Овој пат, тој зборува како растенијата имаат голема улога во нашето ментално и физичко здравје, а грижата за нив може да ни создаде чувство на смиреност и поврзаност со природата.
– Кога ќе се разбудиш наутро, денот започнува со брзање. Брзаш за на работа, нервозата расте низ патот, обврските се редат една по друга. Денот минува во состаноци, задачи, недоразбирања, фрустрации. Брзаш до маркет пред да затвори, забораваш нешто важно, се враќаш дома со чувство дека денот завршил, а ти сè уште не си ни на половина од листата. И тогаш, нешто мало те запира, нов лист на растението што си го добил за роденден, нежно те допира по ногата – започнува Предраг.

– Цела зима стоело мирно. Мислеше дека не напредува, дека можеби правиш нешто погрешно. Но, токму во тој момент сфаќаш: не секој раст значи постојано движење. Не секој успех значи брзина – додава тој.
Предраг нагласува дека растенијата нѐ потсетуваат дека животот не е трка. Дека за да пораснеш, потребно е време. За да процветаш, потребни се сезони. А, пред секое цветање, постои период на мирување, време кога работиш на себе, во себе и за себе.
– Живееме како да трчаме маратон со ритам на спринт. Деновите ни минуваат во бескрајни листи со обврски, со постојаното „уште ова, па ќе се одморам“. Но вистината е дека иднината не можеме да ја стигнеме побрзо ако трчаме кон неа. Не можеме да ја контролираме. Имаме само сега. Сегашниот момент. Нашите постапки. Нашата нежност кон себе, кон другите, кон светот околу нас – вели тој.

Тој вели дека растенијата стануваат наши учители. Тие нè учат на трпение, на присутност, на нежност. Нè потсетуваат дека животот не треба само да се преживее, туку и да се почувствува.
– Кога мислиме на грижа за растенијата, често ја гледаме само како наша одговорност кон нив. Но, грижата не е товар. Не е загриженост. Грижата е заемна. Тоа е чин на љубов кон нешто кревко, а за возврат добиваме многу повеќе од нов лист или ново стебло. Добиваме мир. Потсетник дека растот бара време. Дека убавината се развива бавно – објаснува Предраг.

Тој вели дека во овој свет полн со брзање, растенијата ни нудат оаза. Спокоен простор каде повторно учиме како да дишеме, како да забавиме, како да бидеме… Негувајќи ги нив, всушност учиме како подобро да се негуваме себеси.
– Затоа, биди нежен. Биди трпелив. Биди присутен. И не заборавај, покрај сончевата светлина, на секое растение му е потребен и вториот најважен зрак за живот: твојата љубов – заклучува Предраг.


