Сопственик на маркет од Лажани поставен за директор на државната фирма што купува и продава струја за ЕСМ

Далновод енергетика енергетска политика струја
Струја / Фото: МИА

На крајот на август, државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го назначила Мирсад Црновршанин за директор на подружницата „ЕСМ продажба“, преку која државното електростопанство увезува и извезува струја, објави „Фактор“.

Станува збор за жител на прилепското село Лажани во Општина Долнени, кој според претходно објавени медиумски написи, е сопственик на стоковна куќа и локален маркет во Лажани.

„Фактор“ пишува дека Црновшанин ќе биде управител на „ЕСМ продажба“ (поранешното име ѝ беше „Елем трејд“) на определено време од 12 месеци, во периодот од 1 септември до 31 август следната година. Порталот минатата недела испратил прашања до ЕСМ околу тоа дали новоназначениот директор доаѓа од редовите на компанијата или од комерцијалниот сектор и дали според својата биографија ги задоволува професионалните критериуми да ја извршува таа функција, но засега нема одговор.

Продажбата на ноќните вишоци деновиве е тема во јавноста, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (кој беше генерален директор на ЕСМ), во серија прес-конференции обвини дека ЕСМ ноќната струја ја продава на привилегирани трговци, по цени кои се пониски од берзанските. Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, возврати дека Мицкоски „или не знае или лаже“ и во детали објаснуваше како и по кои цени државната фирма ги продава ноќните вишоци.

„ЕСМ продажба“, фирмата преку која се увезува електрична енергија и преку која ЕСМ ја продава ноќната струја, за помалку од една година променила тројца директори, пишува „Фактор“. Советникот на поранешниот премиер Зоран Заев, Александар Обрадовиќ, по шест месеци беше отповикан на почетокот на годинава, за потоа за директор да биде назначен Синиша Ивановски.

За време на грејната сезона „ЕСМ продажба“ ќе биде активна во купувањето електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Владата, со цел да обезбеди пониски цени за оие категории, веќе одобри 50 милиони евра за авансни плаќања во енергетската криза, а дел од овие пари се предвидени и за увоз на струја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот