СОНК викендов ќе одлучува дали штрајкот ќе го стави во мирување

Фото: МИА/принтскрин

Советот на СОНК не добил конкретен предлог за покачување на платите и затоа до крајот на викендот треба да одлучи за главното барање од Владата, за ставање на штрајкот во мирување, во интерес на враќањето на учениците во клупите и нормалното функционирање на градинките. Ова го изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков по средбата во Владата на која присуствувал и премиерот Ковачевски и министрите за образование и за наука  и за труд и социјална политика, Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска.

– Добивме некои информации кои повторно не се поврзани со утврдување процент. Сега Советот на СОНК ќе расправа во однос на расправите што ги имавме во Владата и ќе дадеме насоки во однос на членството за изјаснување за главното барање од Владата, во интерес на учениците и децата во градинките, штрајкот да се стави во мирување, се додека за два-три дена, конечено не се дефинира нивниот предлог, а нашето прифаќање или отфрлање, вели Неделков.

Средбата меѓу претставниците на Владата и на СОНК беше на петиот ден од штрајкот во основните и средните училишта и во градинките.

На состанокот во Владата, како што соопшти владината прес-служба, дополнително се разговарало веднаш да започне сеопфатен дијалог, со активно учество на синдикатот, за трајно решавање на континуираниот раст на платите.

– Владата, истакна на состанокот премиерот Димитар Ковачевски, е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот