Владата и СОНК го продолжуваат дијалогот за решение

Фото Влада на РСМ

Владата и претседателството на СОНК, придружено со претставници на дел од регионалните одбори на синдикатот во текот на претстојниот викенд остануваат во комуникација за да се најде взаемно прифатливо и достоинствено решение за одредено зголемување на платите во образованието и предучилишното воспитување и згрижување.

На состанокот во Владата, претставена од премиерот Димитар Ковачевски, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шакири и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, и претставниците на СОНК се договорија во наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките.

На состанокот во Владата дополнително се разговараше веднаш да започне сеопфатен дијалог, со активно учество на синдикатот, за трајно решавање на континуираниот раст на платите.

Владата, истакна на состанокот премиерот Димитар Ковачевски, е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот