Сомнителни инвестиции на Трамп се истражуваат, наводно ќарувал од акции на технолошки гиганти
Американскиот претседател Доналд Трамп се најде под критики поради тргување со хартии од вредност вредни милиони долари во последните месеци. Меѓу компаниите во кои вложувал има и такви со кои неговата администрација склучувала договори или кои имаат државни зделки, пишува „Форбс“.
Препорачано
Според финансиските пријави, Трамп купувал акции во големи технолошки компании како „Оракл“, „Микрософт“, „Енвидија“, „Мета“, „Амазон“, „Епл“ и „Алфабет“. Поединечните вложувања се движеле од околу 880.000 до 4,4 милиони евра.
Во ист опсег биле и вложувањата во „СервиНау“, „Броадком“, „Каденс Дизајн Системс“, „Адобе“, „Моторола“, „Дел“ и „Убер“. Во финансиските извештаи се наведени и одбранбени компании како „Палантир“, „Аксон“, „Боинг“, „Локхед Мартион“ и „Норттроп Груман“.
Посебно внимание предизвикаа вложувањата во „Енвидија“, откако критичарите укажаа дека Трамп купувал акции во компанијата непосредно пред американската влада да одобри продажба на чипови на одредени кинески фирми.
Трамп купувал и акции во „Палантир“ вредни повеќе стотици илјади евра, пред јавно да ја пофали компанијата на својата социјална мрежа „Трут соушл“. Во објавата напишал дека „Палантир“ покажал „одлични способности и опрема за водење војни“.
Според „Ројтерс“, Трамп во првиот квартал инвестирал меѓу 194 милиони и 660 милиони евра.
Сенаторката Елизабет Ворен остро го критикуваше Трамп поради вложувањата во „Енвидија“, која моментално е највредната компанија во светот. Таа го критикуваше и тоа што директорот на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, патувал со Трамп во Кина.
Ворен го обвини Трамп дека лобирал кај кинескиот претседател Си Џинпинг за купување чипови од „Енвидија“.
„Корупцијата на претседателот претставува катастрофа за националната безбедност“, изјави Сенаторката Елизабет Ворен.
Синот на претседателот, Ерик Трамп, ги отфрли критиките. Тој тврди дека имотот на семејството е ставен во „слеп фонд“, односно фонд над кој семејството, според него, нема директна контрола.
Ерик Трамп додаде дека тврдењето оти некој од семејството Трамп одлучува за купување или продажба на поединечни акции е „лага и целосно неточно“.
Финансиските извештаи ги прикажуваат трансакциите извршени меѓу јануари и март, но износите се дадени како опсези, а не како точни суми.
Според проценките на „Форбс“, богатството на Трамп во петокот достигнало околу 5,46 милијарди евра. Трамп во 2024 година повторно се врати на листата на 400 најбогати Американци на „Форбс“, главно благодарение на големиот удел во „Трамп Медиа и Технолоџи Груп“.


