
Солидарните граѓани се сплотија во помошта за настраданите во Кочани
Освен медиумско внимание, вистински херои испаднаа и сите граѓани кои преку стотици илјади објави на социјалните мрежи, слики, видеа, контакти за сместување и броеви за помош докажаа дека Македонија може да биде солидарна и неподелена.
Македонија е во голем шок предизвикан од трагедијата која се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во неделата околу 2 часот по полноќ избувна пожар во кој животот го загубија 59 млади луѓе и над 150 беа полесно или потешко повредени, а важните информации во врска со пожарот во дискотеката со огромна брзина започнаа да се објавуваат на социјалните мрежи, што помогна за навремено алармирање на јавноста за несреќата.
Препорачано

Трагично утро за Македонија
Недела 16 март, Македонија се разбуди во шок. Во тага и со неверување беше примена информацијата за огромната трагедија која усмрти 59 луѓе, а жигоса милиони. Паниката преовлада насекаде низ државата, се мобилизираа илјадници медицински лица, доктори и медицински сестри, aрмијата, полицијата.
Пред Градската општа болница „8 Септември“ и останатите клиники низ главниот град, рано изутрина започнаа да пристигнуваат хеликоптери и дузини комбиња на Брзата помош. Пристигнуваа млади луѓе, некои од нив малолетни, но се повеќе пристигнуваа и автомобили од Кочани, Штип, Виница и други градови. Од автомобилите излегуваа родители и блиски, кои своите деца претходната ноќ ги поздравиле, бакнале и испратиле на забава, а нецели осум часа подоцна немаат информација дали нивните деца се здрави или повредени лежат во болницата во Кочани, или пак се пренесени во некоја од скопските клиники, а за жал имаше и родители кои немаа добиено информација за тоа дали нивното дете е воопшто живо.
Криците и очајот пред скопските болници не остави никого рамнодушен, оставајќи трага на секој еден присутен пред ургентните центри, а зборови со кој би можела да болката на родителите на загинатите се уште не постојат.
„Слободен печат“ одблизу го следи развивањето на овој трагичен настан и начинот на кој државата ќе се соочи и справи со оваа трагедија.
Од Владата и Црвениот крст на Македонија во неделата претпладне веднаш излегоа со соопштенија и изјави, тврдејќи дека ги имаат сите потребни и неопходни резерви како ќебиња, гази, завои, болнички кревети за професионално да се соочат со огромниот број на повредени и хоспитализирани луѓе, кои со Брза помош пристигнуваа во болниците во Скопје.
Сепак, и покрај доволната количина резерви, граѓаните покренаа иницијатива и започнаа да носат ќебиња, вода, перници и се останато што е потребно во болниците ширум државата каде се лекуваат повредените, а исто така се појавија и неколку броеви за донации.

Очите на Европа вперени кон Кочани, народот сплотен како никогаш
Трагедијата беше со толку големи размери што предизвика информацијата за овој настан со огромни човечки загуби да достигне до скоро целиот свет. Медиуми од цела Европа, Австралија, САД информираа за несреќата која го сруши Кочани, но и цела Македонија.
Освен медиумско внимание, вистински херои и испаднаа сите Македонци кои преку стотици илјади објави на социјалните мрежи, слики, видеа, контакти за сместување и броеви за помош докажаа дека Македонија може да биде солидарна и неподелена.
Македонскиот народ повторно покажа дека умее да се сплоти и помогне кога е најтешко, откако веднаш по избивањето на пожарот во Кочани, уште рано изутрина започнаа „вирозно“ да се шират видеа и фотографии на социјалните мрежи, кои ја кренаа јавноста на нозе и се покажаа како најголем извор на информации во овие клучни моменти, поготово за оние луѓе кои не можеа да бидат идентификувани, или за родителите кои не можат да дознаат во која болница се хоспитализирани нивните деца, а такви имаше, за жал, премногу.

(Не)мирен студентски час на УКИМ
Младите и студентите како никогаш досега го започнаа да го искажуваат своето незадоволство кон системот на социјалните мрежи, бараат правда за загинатите во пожарот, на возраст од 14 до 25 години, кои малтене се нивни генерациски врсници или помлади.
Кулминацијата на студентското незадоволство се достигна вчера попладне, на студентскиот час кој се одржа платото на кампусот при Правниот, Филозофскиот, Филолошкиот и Економскиот Факултет, каде што исто така е сместено и највисокото тело на најпознатиот државен универзитет, Ректоратот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Младите кочанчани, пак, незадоволството го искажаа преку извиците „убијци“ и „правда“ на големиот собир во Градскиот парк, кој потоа продолжи на уште неколку локации од градот.
Целта на вчерашниот студентски час беше со собирање на студентите, седумминутно молчење и потпишување во книгите на жалост да се испрати последен поздрав кон загинатите. Толпата броеше неколку илјади луѓе, а кратко по започнување на собирот свое обраќање имаа ректорот на УКИМ Биљана Ангелова и Министерката за образование Весна Јаневска.
Нивните обраќања од импровизираната платформа во повеќе наврати беа прекинати поради влошување на здравствената состојба на некои од присутните, а огромно незадоволство кај студентите предизвика кога министерката Јаневска започна со цитирањето на поезијата „Во тишина“ од Ацо Шопов, која според многумина од присутните го промени текот на овој студентски час и го претвори во политички собир. Бунтот продолжи и по настанот, на социјалните мрежи кои беа жариште на незадоволството што предизвика директно извинување од Универзитетското студентско собрание како организатори на студентскиот час на платото кај УКИМ.
Исто така, социјалните мрежи беа зенитот откаде започнаа сите иницијативи за собири низ целата држава, со цел граѓаните и студентите да ја искажат болката, тагата, но и бесот кон системот, барајќи правда и одговорност за сите кои дозволиле да се случи овој немил настан. Македоците се обединуваат против корупцијата, која на улиците и на социјалните мрежи ја опишуваат како канцерот на општеството, нешто што не убива одвнатре, пустата гадлива желба за профит по секоја цена, па дури и по цена на човечки животи, цел за која во саботата згаснаа уште 59 невини животи.

Помош и сместување низ цела Европа за родителите на повредените
Откако Владата најави дека најкритичните пациенти ќе се испраќаат на лекување во соседните, но и во подалечните држави низ Европа, Македонци распространети низ цела Европа се споија „во едно“, дигиталниот свет започна со лавина објави за помош, контакти и адреси за сместување на семејствата на хоспитализираните и повредените.
Поштенското сандаче на социјалните мрежи на „Слободен печат“ започна да добива илјадници пораки во минута, пораки за нудење помош од секој тип, како бесплатна психолошка помош, платени судски трошоци и бесплатно сместување во Скопје. Минути по објавата на списоците на кои ги пишуваше државите и градовите каде повредените ќе одат на лекување, започнаа да пристигнуваат стотици пораки и телефонски броеви од луѓе кои нудат бесплатно сместување за родителите на повредените кои ќе летаат за Софија, Белград, Будимпешта, Солун, Истанбул и останатите градови.
Интернетот беше толку многу „оптоварен“ со пораки и линк-адреси за помош, што беше физички невозможно сите да бидат процесирани, но граѓаните повторно најдоа продуктивно решение и создадоа една линк адреса со направена табела на која уредно беа запишани стотиците, ако не и илјадници податоци за сместувања и контакти за сместување ширум цела Европа, вклучувајќи ја и Македонија.
На социјалните мрежи активно се трагаше по повредените за кои немаше никаква информација и благодарејќи на илјадниците споделувања и препраќања на пораки и фотографии, голем дел од повредените лица беа пронајдени и лоцирани, но за жал за некои од нив со нивното пронаоѓање се дозна дека завршиле фатално, со смрт.
За жал, денес 59 семејства чекаат да биде завршена обдукцијата за да можат на честит и угледен начин да си ги погребаат телата на своите најмили, милиони други се во исчекување на правдата, будно ги следат сите изјави на членовите од Владата, а студентите сакаат промени, најавуваат огромен број собири низ студентските кампуси, а неформалната група „Кој е следен“ најави и ги повика сите граѓани на јавен собир кој ќе се одржи вечерва на градскиот плоштад „Македонија“.

Социјалните мрежи во овие траорни моменти ја докажаа својата моќ и докажаа дека нивната брзина на ширење информации е од најголема важност. Тие се една од главните причини поради која се пронајдоа идентитетите на многумина од повредените, се лоцираа оние за кои немаше информација каде точно се хоспитализирани и преку нив за најбрз можен рок се најде сместување за родителите на жртвите и повредените во Македонија и низ Европа. Солидарните сограѓани, дијаспорци и други хумани луѓе од регионот, обединети во тага ја покажаа својата моќ да помогнат на афектираните од трагедијата.