Сојузот на синдикати утре организира голем протест: Дојдете на улица, не плашете се, само така ќе има поголеми плати
Трендафилов посочи дека има сознанија дека работниците добивале закани да не излезат на протест. Тој најави дека јавно ќе ги објави нивните имиња.
Утре во 17 часот почнува работничкиот протест за поголеми плати. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободен Трендафилов вчера ги повика работниците од приватниот, од јавниот сектор, но и пензионерите што земаат пензии од платите на работниците, да дојдат и да протестираат за повисоки плати.
Препорачано
– Овој протест е против игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите, кои не се договорија да ги зголемат вашите работнички плати, онака како што заслужувате и барате. Овој протест е за зголемување на сите плати на работниците за најмалку 6.000 денари и зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра. Овој протест е затоа што тие не водат грижа за вас и за вашите семејства, а вие со вашиот глас им го давате луксузот во кој живеете. Сите што не сте се повикале сами, ја користам можноста да ве повикам да ни се придружите на големиот работнички протест на улица. Не треба од никого да се плашите, затоа што никому ништо не му должите, освен на вашите семејства – рече Трендафилов.
Сепак, Трендафилов посочи дека има сознанија дека работниците добивале закани да не излезат на протест.
– В четврток јавно ќе ги објавам сите што се заканувале – рече Трендафилов.
Како еден пример, тој ја посочи Пошта.
– Денеска добив информација од колешките и од колегите дека им кажале дека ќе ги бркаат од работа затоа што Синдикатот застанал со нив и затоа што откако застана Синдикатот, тие добија плата. Нема да му потклекнеме никому и нема да му се плашиме. Утре вечер ќе поминеме пред Македонска пошта, нека нè чека заменик-директорот – вели Трендафилов.
Тој рече дека две години Владата и работодавачите одбиваат да ги зголемат платите, со што работниците станале посиромашни за 9.500 денари колку што се зголемила синдикалната кошница. Од друга страна, функционерите си ги зголемуваат своите плати за 250 евра, а ќе си ги зголемат за уште 10 проценти.
Трендафилов потсети и на службени податоци според кои 200.000 работници живеат со плата под 30.000 денари.
– Замислите 10 проценти од нив да излезат на улица, колку брзо ќе се менуваат работите. Платите во Македонија се мизерни. Само ако покажеме сила и бројност на улица може да се зголемат – вели Трендафилов.
Работодавачите, пак, се на ставот дека не треба „механички“ да се зголемува платата без да се зголеми продуктивноста. Бизнис конфедерацијата предлага ако веќе има зголемување, тогаш да има субвенционирање на придонесите од страна на Владата, нешто што не беше прифатено.
– Усогласувањето на минималната плата во март е прифатливо за нас, тоа е дел од законот што треба да се разбере и да се прифати, но исто така и за да можеме да покачиме повеќе, како што бараат синдикатите, во интерес и на работодавачите, и на граѓаните, и на работниците е покачувањето од 6.000 денари да биде ослободено од социјални придонеси и оптоварено само со персоналниот данок, и тоа во сите сектори – рече Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.
Според него, со моменталните давачки покачувањето од 6.000 денари реално ја чини компанијата уште дополнителни 4.500 денари за придонеси, што е неостварливо за многу фирми.
– Енормните профити се само замислена категорија – тврди Бошков.
Но, според Трендафилов, анализите што се објавуваат, јасно покажуваат колкави се профитите на компаниите.
– Нека се откажат од некој џип и некоја викендичка и нека ги зголемат платите – порача Трендафилов.
Со тоа што Владата ги поддржала компаниите, државната каса загубила 120 милиони евра на годишно ниво за давачките што требало да се уплатат на зголемените плати, вели Трендафилов.
– Така покажуваат математиките. Ете Владата се жали за пензиската дупка. Тоа беше начин и таа да се надополни – коментира претседателот на Сојузот на синдикати.
Трендафилов вели дека се случува еден невиден феномен, а тоа е синдикални организации да ги бранат газдите и да ѝ се додворуваат на власта.
Претседателката на Синдикалната организација на поштенските работници при АД Пошта на Македонија, Соња Дојчиновска, обвини дека „ССМ се користи за промовирање на претседателот“.
На протестот нема да присуствува и Конфедерацијата на слободни синдикати. Нејзиниот претседател Благоја Ралповски во повеќе наврати го обвини Трендафилов и ССМ дека се партиски инструирани. Според Трендафилов, ССМ го интересираат само работниците.
Протестот ќе почне пред Сојузот на синдикати, продолжува пред Собранието, па пред Стопанската комора и завршува пред Владата.
По протестот, во наредните денови планирани се блокади на одредени институции, како и генерален штрајк во јавната администрација, но и во приватниот сектор.
Мицкоски: Секој има право да протестира
Секој има право да протестира – рече премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар во врска со протестот што утре попладне ќе го организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за покачување на минималната плата на 600 евра, како и на другите плати во согласност со Општиот колективен договор за стопанството.
Мицкоски посочи дека минималната плата законски се зголемува во март.
– Во согласност со законот, минималната плата ќе биде зголемена во март, односно платите што ќе ги добијат работниците во април за март, ќе бидат зголемени. Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при работната посета на Гази Баба.


