Социјалните мрежи „горат“ од корисниците на мобилните оператори: Благодариме за бесплатниот интернет, ама и со сметките да имавте мерка

мобилен телефон
Мобилни телефони / Фото: Unsplash

Граѓани, јавни личности и економски авторитети бараат помали телефонски сметки додека трае кризата, или пак можност за одложено плаќање и тоа не само од финансиски причини, туку и поради тоа што некои немаат можност за онлајн плаќање.

Телефонските и интернет операторите дадоа свој придонес и согласно максимата „Остани дома“, дадоа бесплатни гигабајти интернет и бесплатно вклучување на дополнителни телевизиски канали, и тоа беше поздравено од граѓаните. Но, деновиве се повеќе расте нервозата на социјалните мрежи во врска со опомените од телекомуникациските оператори за неплатена сметка.

Граѓани, јавни личности и економски авторитети бараат помали телефонски сметки додека трае кризата, или пак можност за одложено плаќање и тоа не само од финансиски причини, туку и поради тоа што еден дел од граѓаните немаат паметни телефони, компјутери или платежни картички и не се во можност електронски да си ја платат сметката, а не сакаат ни да се изложуваат на ризик и да одат по салоните за наплата.

Поранешниот министер за финанансии Џевдет Хајредини, го повикува Телеком да се откаже од дел од профитот.

„Телеком нѐ повикува нашите сметки да ги плаќаме онлајн од дома, а не ни кажува на кој начин и на кои наши корумпирани политичари, од нашите пари, за да го користат монополот на пазарот,  им плаќале повеќемилионски суми мито. Сега, и од нив се очекува од профитот и од високите плати на нивните директори да помогнат во корона кризата“, нашиша на својот фејсбук профил Хајредини.

Своја реакција на фејсбук имаше и познатиот фоторепортер Роберт Атанасовски.

„Македонски Телеком, намерно не ви ја плаќав сметката да видам до кога ќе издржите. И толку беше, 15 дена и почнавте да плачете, цел свет стои, а вие ќе исклучувате, пораки праќате…“, напиша Атанасовски.

Под огласот за онлајн плаќање што деновиве преку социјални мрежи интензивно го пушта телефонскиот операторот А1, има море од реакции. На многу повозрасни граѓани не им е јасно како се врши онлајн плаќање. Една наша сограѓанка луто реагира дека таа е во изолација, а нејзината ќерка има двомесечно бебе и нема доволно пари на сметка да плати онлајн, па прашува како со бебето да оди во салон да ја плати сметката. Слична е реакцијата и на една мајка со дете од 4 години која вели дека таа нема платежна картичка за да може да плати онлајн.

Телефонските оператори први излегоа со низа поволности за да може граѓаните што полесно да ја поднесат домашната изолација. Сепак, одложено плаќање или намалување на износот на сметките се уште нема. Од „Македонски телеком“ и од „А1“, каде што пративме прашања дали се размислува за одложување на наплатата на сметките, чекаме одговор.

„Македонски телеком“, каде што и државата има удел, минатата година ја заврши со добивка од 24,5 милиони евра, покажуваат податоците што ги објавува самата компанија. На страницата на „А1“ нема финансиски извештаи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот