Али Ахмети, Христијан Мицкоски, Фото: Фејсбук Ахмети

Собранието остави партиските лидери да ги одблокираат законите

Неизвесен е официјалниот старт на системот „Безбеден град“, како и изборот на народен правобранител, бидејќи се чека исходот од лидерската средба што премиерот Христијан Мицкоски ја закажа за в среда

Вработените од канцеларијата на народниот правобранител ќе почекаат да земат плата, но неизвесен е и официјалниот старт на системот „Безбеден град“ ако на лидерската средба што премиерот Христијан Мицкоски ја закажа за в среда, не падне договор со лидерот на ДУИ Али Ахмети за поддршка заради потребното Бадентерово мнозинство.

Изборот на правобранител и Законот за прекршоци се блокирани во Собранието, бидејќи власта нема доволно пратеници за да се исполни условот Бадентерово мнозинство.
Потврда дека пратениците не можат да најдат решение и дека за двете прашања е потребен политички договор, даде претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.

Ќе има ли дил со Ахмети за Бадентер?

Дали Мицкоски ќе го убеди Ахмети и пратениците од НАИ да кренат два прста и кој ќе биде дилот за тоа, ќе биде појасно по лидерскиот состанок.

 

Мицкоски: Ќе барам лидерска средба за укинување на техничката влада и за реформските закони

– Ги повикав координаторите уште еднаш, ако може да се усогласат за изборот на народниот правобранител. Немаше некоја забелешка околу тоа. Никој не беше против, само во меѓувреме ќе треба да се разговара. Се надевам дека набрзо ќе дојдеме до решение. Никој не го оспорува името на кандидатот за Народен правобранител. Јас мислам дека ако почнеме нова процедура, уште толку ќе трае и нема никаква гаранција на крајот како ќе заврши, затоа што и на новиот оглас не знаеме кој ќе се пријави. Влегувањето во таков процес ќе го ризикува процесот во целина – рече Гаши.

Тој смета дека за ова прашање потребни се политички разговори на ниво на координаторите на пратеничките групи.

– Што се однесува до нас како Собрание, ние сме ја донеле процедурата до седницата и точката е ставена на дневен ред. Штом има договор, веднаш ќе ја свикам седницата и ќе гласаме. Ги повикувам пратеничките групи да се договорат. Дали ќе се договорат, зависи од нив. Неколкупати сум рекол дека проблемот не е името, но веќе сега, во јануари, каде што е блокирана институцијата, ќе биде голем проблем ако се навратиме на нов оглас, нова постапка, тоа би бил голем проблем. Прашањето е дали сакаме да го решиме проблемот, затоа што и времето нè гази – рече Гаши.

Прашан дали ако има договор кандидатот да ја повлече кандидатурата и да се оди на друг кандидат од листата на пријавени, претседателот на Собранието рече дека тоа е можно, но и дека од веќе пријавените кандидати неизвесно е дали и следниот ќе биде по „мера“ на партиите.
Од ДУИ зависи и дали од 1 февруари ќе почне да се применува системот за казнување на возачите преку „Безбеден град“, бидејќи власта за измените на Законот за прекршоци го нема потребното Бадентерово мнозинство. Гаши потврди дека меѓу пратеничките групи сè уште нема договор со цел да се усвојат измените на законот.

– Ако се постигне договор, законските измени веднаш ќе бидат ставени на собраниска седница за да се изгласаат. Досега, на координациите на пратеничките групи немаше забелешки во врска со текстот на измените. Тоа што овој закон не е поддржан е прашање на договор меѓу пратеничките групи – рече Гаши.

Статус кво и за Изборниот законик

Нема поместување ниту за Изборниот законик, за кој шефовите на пратеничките групи разговарале на координацијата. Гаши рече дека чека допис од министерот за правда Игор Филков за да може Собранието да ја формира работната група и да почне со работа.

– Чекаме писмо од нив. Јас до пратениците ќе го доставам писмото, па пратеничките групи да предложат по два члена, да се формира работната група и штом ќе дојде текстот, работната група да почне со работа – рече тој.

Новиот изборен законик – „равенка“ со многу непознати

Од Министерството за правда, пак, информираа дека уште минатата недела пратиле допис до Собранието за да се формира работна група за законот.
Никакво поместување нема ни за Анкетната комисија за трагедиите во Кочани, „Дурмо турс“ , „Модуларната болница“ и за „Беса транс“. Лидерот на СДСМ Венко Филипче на брифинг со новинарите рече дека спикерот не пратил допис за Анкетната комисија, но Гаши негираше.

– Не е точно. Ние сме ја донеле одлуката на седница. Пратеничките групи, според член 3 на одлуката, треба да ги достават предлозите до Комисијата за избори и именувања. Таму треба да се предложи состав и потоа да го изгласаме на пленарна седница – рече тој.

„Не сме скандинавци, но не сме ниту ризична земја“

 

Претседателот на Собранието смета дека треба да се укине техничката влада, иако не сме на ниво на скандинавска демократија, но и дека не сме во делот на ризични земји кога станува збор за организација и спроведување на изборите.

– Ако се враќаме назад, тоа беше ад хок решение за да се надмине таа политичка криза. Мислам дека стабилна влада, како членка на НАТО, не е угледно да формира технички влади за организирање предвремени избори. Дотолку повеќе што гледаме дека изборните процеси, особено последниве, течат во најдобар ред, нема некои забелешки. Еве, вчера поминаа избори, сите си честитаа, никој немаше проблем околу победата. И јас не мислам дека сме созреана скандинавска демократија, но не мислам дека сме во делот во ризични земји за имплементација на демократија и реализирање избори. Мислам дека многу сме напреднале во тој дел – рече Гаши.

„Предвремените избори креираат нестабилност“

Гаши е поборник за одржување редовни избори, бидејќи предвремените креираат политичка и економска нестабилност.

– Јас сум поборник на идејата на редовни избори. Мислам дека, концептуално, ни недостига политичка и економска стабилност. Ако цело време правиме предвремени избори, креираме некоја политичка и економска нестабилност. Мислам дека треба да настојуваме да ги завршуваме мандатите, а потоа граѓаните да нè ценат по тоа колку сме реализирале од тоа што сме го ветиле од програмата. Вака, на половина од мандатот, може да се каже не сме го завршиле мандатот. Јас сум поборник на идејата на редовни, но за тоа одлучуваат 61 пратеник. Политичката волја на пратениците е таа која одлучува кога би оделе на избори – рече Гаши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот