Локални избори - Кичево / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Новиот изборен законик – „равенка“ со многу непознати

Допрва ќе биде јасно дали партиите повторно на маса ќе ги стават предлозите за промена на изборниот модел, односно Македонија да биде една изборна единица, наместо сегашниот модел со шест изборни единици со пропорционален систем и отворени листи, финансирање на политичките партии, рекламирањето на партиите, прагот за учество на независните, цензусот при избор на претседател на државата и на градоначалниците…

Иако на премиерот Христијан Мицкоски му се брза и очекува дека до крајот на јануари ќе почне усвојувањето на измените на Изборниот законик, кој пак, е дел од реформската агенда, собраниски извори брифираат дека успех ќе биде ако до крајот на месецов се формира работната група која ќе работи на новите изборни правила. Изборниот законик треба да биде тема и на претстојната лидерска средба која премиерот ја најави за 14 јануари.

Пратениците се согласни само дека Изборниот законик треба да се донесе со консензус, но допрва ќе се знае дали ќе работат на целосно нов текст или ќе пристапат кон 41-та измена на постоечкиот. Ако пратениците утврдат дека ќе се менува повеќе од една третина од Изборниот законик во тој случај ќе треба да изготват нови изборни правила, во спротивно ќе пристапат кон измени на постоечкиот.

Премиерот неодамна рече дека веќе е формирана работна група и дека очекува во текот на месецов да почне и усвојувањето на Изборниот законик.

– Таму треба да се применат практично препораките на ОБСЕ/ОДИХР од изборите во 2024 година. Таа група работи, координаторите на пратеничките групи се сретнаа со министерот за правда и очекувам во јануари да имаме конечна верзија и таа верзија да почне да се усвојува – рече Мицкоски.

Пратеници и од власта и од опозицијата велат дека како што се договориле неодамна на средбата со министерот за правда Игор Филков, чекаат допис од него за секоја пратеничка група да делегира по двајца претставници во работната група, како и претставници на пратеници кои немаат пратенички групи за да почнат со работа на Изборниот законик. Новите изборни правила пратениците ќе ги договараат во Собранието, додека носител на процесот ќе биде Министерството за правда.

– Испратен е допис до Собранието парламентарните партии кои имаат пратенички групи да номинираат по двајца претставници, како и претставници од независните пратеници – велат од Министерството за правда.

Очекувањата се дека парламентарните партии ќе одредат свои претставници во работната група во која може да предложат и експерти по изборно право. Засега е неизвесно колку време ќе ѝ биде потребно на работната група и дали партиите освен за препораките од ОДИХР ќе успеат да постигнат консензус и за други прашања од изборното законодавство. Партиите додека не ја добијат нацрт верзијата на изборниот законик, не коментираат кои ќе бидат другите барања кои ќе ги стават на маса. Нејасно е и зошто Собранието лани пред локалните избори кои се одржаа во октомври, не ги донесе препораките на ОДИХР од изборите во 2024 година бидејќи Министерството за правда во јуни лани направи измени на Изборниот законик и ги достави на мислење до ОДИХР. Во тие измени на ИЗ биле вметнати дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Допрва ќе се знае и дали со работната група за Изборниот законик ќе претседава лично претседателот на Собранието Африм Гаши, како што самиот се заложи за да се забрза целиот процес.

И Собранието по средбата на Гаши заедно со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи со Филков соопшти дека е договорено до втората половина на јануари Министерството за правда да формира работна група која ќе пристапи кон подготовка на Изборен законик, а во која ќе бидат вклучени по двајца претставници од партиите.

Гаши неодамна во интервју за МИА рече дека координаторите на пратеничките групи се согласиле Изборниот законик да биде донесен со консензус, но не прецизираше која е временската рамка за негово носење.

– Разговаравме околу составот на групата, кој ќе учествува, во кој формат, каде би се одвивале разговорите итн. Сепак затоа што Министерството за правда е предводник на овој процес и тие го предлагаат законот, тие ќе ги повикаат политичките партии да предложат по двајца претставници, но не само тие што се организирани во пратенички групи и тие што не се организирани во пратенички групи, туку и независните пратеници. Значи ни треба целосен консензус во процесот на носење на Изборниот законик. Се сложивме околу тоа. И штом ќе го имаме текстот предложен од нив ќе знаеме точно дали е целосно нов, или е изменет или во која насока или колку проценти од текстот е сменет, па политичките партии во однос на тој текст ќе ги имаат своите забелешки, така што ќе почнат разговорите да се усогласуваат едни со други, за да дојдеме до конечно решение – изјави Гаши.

Ова значи дека допрва ќе биде јасно дали партиите повторно на маса ќе ги стават предлозите за промена на изборниот модел, односно Македонија да биде една изборна единица, наместо сегашниот модел со шест изборни единици со пропорционален систем и отворени листи, финансирање на политичките партии, рекламирањето на партиите, прагот за учество на независните, цензусот при избор на претседател на државата и на градоначалниците…

Изборниот законик е можеби еден од законите кои од донесувањето до сега претрпел најмногу измени – околу 40. Според Министерството за правда, Државната изборна комисија, и правните експерти потребен е целосно нов изборен законик бидејќи поради претходните измени и поради нивниот парцијален пристап е создадена неконзистентност на целиот закон.

Во време на претходната Влада, Министерството за правда подготви нов изборен законик, но тој никогаш не беше испратен ни до Владата, ни до Собранието бидејќи за него немаше политички консензус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот