Мицкоски кани, Филипче се закани дека не доаѓа на лидерска!
Мариела Трајковска
Пред
Опозицискиот лидер Венко Филипче одбива да присуствува и рече дека „средба со криминалци ќе нема и дека техничката влада останува“. Премиерот Христијан Мицкоски одбивањето од Филипче го оцени како неодговорен и незрел потег на опозицијата.
Уште пред да стаса премиерот Христијан Мицкоски да ги испрати поканите за лидерска средба, на која претседателите на парламентарните партии ќе треба да разговараат за реформските закони, за народниот правобранител и за укинување на техничката влада, опозицискиот лидер Венко Филипче одби да присуствува и рече дека средба со криминалци ќе нема и дека техничката влада останува. Сепак, Филипче не го поколеба премиерот, кој најави дека покани за лидерска ќе испрати на 14 јануари, а одбивањето од Филипче го оцени како неодговорен и незрел потег на опозицијата.
Парламентарните партии од власта и од опозицијата ја чекаат поканата од Мицкоски, по што ќе се произнесат дали се за укинување на техничката влада. Неофицијално, ако се одржи лидерската, првиот човек на ДУИ Али Ахмети ќе ја претстави агендата – избор на влада со Бадентер, а Уставниот суд за законите што се донесени со двојно мнозинство да одлучува со Бадентерово мнозинство.
Филипче: Смислено сценарио, ги забрзуваат работите
– Средба со криминалци нема да има. Нема средба за техничката влада. Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување предвремени избори. Ова што се случува е сценарио кое е смислено уште лани и кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говориме повеќе два месеци – предвремени избори, па мигранти за пари. Нема пари во буџетот и власта се брза да преземе мигранти, да земе кредит од шест милијарди евра, плус 20.000 фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми. Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога сè веќе имаат испланирано, а СДСМ нема да биде покритие за ова сценарио – рече Филипче.
Тој образложи дека техничката влада мора да остане, бидејќи власта узурпирала сè, ги ставила канџите во правосудството, презела целосна контрола врз Обвинителството, носи измени на Кривичниот законик спротивно од препораките на ЕУ, донела резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата и со тоа ја дополнително ја задушила демократијата.
Венко Филипче / Фото: Фејсбук
– Да не беа овие чекори, можеби и можеше да се разговара, но ова е класична мафија. Со криминалци што се обидуваат да узурпираат сè и да се спасат себеси, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност. Се потврди и поврзаноста со Србија. Како е можно по само еден час по изјавата на Вучиќ во Србија, Мицкоски да ги споменува изборите. Акцијата на САД, законот за Западен Балкан, ги забрзаа работите. Зошто постои потреба на најголемиот празник Божиќ да се пласираат вакви политички вести? Очигледно е дека се разоткриени пред целиот свет. Постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од регионот кои ќе бидат објавени овој или наредниот месец. Мицкоски бара средба, а до вчера ме обвинуваа, бараа секој ден да си заминам од СДСМ, измислуваа приказни – Дубаи, Харис Џиновиќ, Сент Мориц, секој ден лажни вести и навреди додека со службите ме следат, а сега средба?! Па, дали мислат дека јас и СДСМ сме наивни? Средба нема, техничката влада останува – дециден е Филипче.
Тој останува на позицијата дека СДСМ ќе учествува на избори кога и да бидат распишани. Филипче потсети дека техничката влада беше воведена во 2016 година за ВМРО-ДПМНЕ да не ги злоупотребува институциите. Според опозицискиот лидер, и сега, по година и пол од владеењето на Мицкоски, ништо не е сменето, бидејќи актуелната власт со конкретни дела покажала дека не владее демократски.
Мицкоски: Сакаме да покажеме зрелост и широчина
По одбивањето на Филипче за лидерска средба, Мицкоски рече дека со повикот мислел
да покажат зрелост и широчина и како политички чинители да се обединат сите парламентарни партии што имаат пратеничка група.
– Тема на лидерската не беше само Законот за влада, оти ако одлучиме да се однесуваме незрело и неодговорно, како што тој се однесува, тогаш и не ни е потребна лидерска средба. Ние со 61 глас во Парламентот можеме да го смениме Законот и да ја избришеме техничката влада. Не ни е потребно мислењето на опозицијата, но ние сакаме процесот да биде инклузивен. Ако сакавме да се однесуваме незрело и неодговорно, како што тие се однесуваат, можевме тоа да го направиме и без лидерска средба. Но сакав на лидерската да поразговараме и за реформските закони, меѓу кои е и Изборниот законик, Законот за јавно обвинителство, еве помина и Законот за судски совет, Законот за јавнообвинителска и судска служба, за Советот за јавни обвинители. Имаме многу закони за кои ценев дека им треба еден инклузивен процес, но имаме неодговорна опозиција која се служи со вакви квалификации – рече Мицкоски.
Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук
Премиерот рече дека поканите за лидерска средба формално ќе ги достави и дека состанокот е планиран за 14 јануари, во 12 часот, во Клубот на пратениците. Тој рече дека на состанокот сака да разговара и за изборот на народен правобранител, за што власта нема Бадентерово мнозинство. Според Мицкоски, пораките на опозицискиот лидер се збунувачки и нејасни, бидејќи Филипче претходно барал лидерска средба.
Премиерот во ТВ-интервју рече дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус и оцени дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители, особено ако постои оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот.
– Пред овие избори, раководството на СДС велеше дека тие се за бришење на техничката влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката Влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени – рече Мицкоски.
ДУИ дополнително ќе се изјасни
Од ДУИ велат дека не се против лидерска, но дека прво чекаат покана и дека потоа ќе изградат став. И од Левица ќе се изјаснат откако ќе ја добија поканата.
Укинување на пржинската влада во 2020 година предлагаше поранешниот премиер Зоран Заев, како мерки што ќе ги преземат заедно со ДУИ, тогаш како дел од владината коалиција.
– Пржинската влада ќе се укине и Мицкоски даде согласност за тоа. Се укинува со просто мнозинство. Логично е кога ќе се укине, да го почнеме овој формат. Бидејќи ДУИ ја покажа својата големина, затоа и СДСМ реши да покаже доблест. Во такви околности решивме идниот премиер да биде во тие 100 дена од албанска националност, да може да ја извршува таа функција. Во едни такви околности секој има право на шанса, без разлика дали е Албанец, Србин, Бошњак – рече тогаш Заев.
Потоа, во 2022 година, во Собранието не помина предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на пржинската влада и за предвремени избори, а образложението на СДСМ и на ДУИ тогаш беше дека вакви измени се носат без брзање, со разговори и консензус на сите партии, а не на предлог на една партија.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Книгата „Пустинско срце“ од Ана Пејчинова, која излезе во издание на „Или-Или“, е заснована на сеќавања на вистинити настани со кои авторката го раскажува своето искуство од петнаесетгодишниот живот и работа во Авганистан. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Клековски: Бројот на граѓани со тегоби во Гостивар не опаѓа, важни се анкетите …
Сите ние во некој момент сме заглавиле на социјалните мрежи со оние „pick a card“ видеа, прашувајќи се дали универзумот се обидува да ни испрати некој знак. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Клековски: Бројот на граѓани со тегоби во Гостивар не опаѓа, важни се анкетите за да се утврди причината за …