Собранието на доверители на штипски „Бетон” го смени стечајниот управник

фото: МИА

Од Основниот суд во Штип велат дека судијата кој ја води постапката во рок од три дена треба да се произнесе дали има или не пречка за назначување нов стечаен управник.

Собранието на доверители на градежната компанија „Бетон”- Штип денеска донесоа одлука за нов стечаен управник да биде назначен Живко Калков од Скопје, наместо досегашниот Драги Димовски од Струмица. Но, од Основниот суд во Штип велат дека судијата кој ја води постапката во рок од три дена треба да се произнесе дали има или не пречка за назначување нов стечаен управник.

Калков, кој е новото решение на Собранието на доверители е познат и како стечаен управник на Медиа Принт Македонија (МПМ), во чија сопственост беа згаснатите дневни весници и на фирмата Секјуриком, која ги обезбедуваше сите државни институции, а нејзиниот австриски сопственик по отварање на истрагата избега.

– На 7 февруари продолжува Собранието на доверители, на кое ќе се одлучува по две точки, едната е дали останува истиот состав на Собрание на доверители и третата е произнесување за иницијативата за реорганизација на фирмата Бетон, доставена од еден од доверителите, велат од Основен суд-Штип.

Од судот за МИА појаснуваат дека доколку на 7 февруари се донесе одлука за реорганизација, во тој случај иницијаторите треба да достават и план како ќе продолжи да работи „Бетон”, но доколку не ја прифатат иницијативата, во тој случај оваа компанија ќе се ликвидира.

МИА претходно информираше дека четири компании се најголеми доверители, односно си ги бараат побарувањата од „Бетон“. Прва на листата е Балкан груп констракшн со 27,65  отсто од вкупно утврдените побарувања, потоа на листата доаѓаат компаниите ТИМ Доо Скопје и Орка Холдинг, кои имаат по 16,76 отсто од побарувањата и ИСЦ груп ДОО со 2,75 отсто од побарувањата.

Според направениот попис, имотот на штипски „Бетон” и неговите удели се вредни една милјарда денари. Анализите покажуваат дека недвижниот имот на градежната компанија „Бетон” е ставен под хипотеки кај банките. Побарувањата од доверителите и вработените се вкупно 1,5 милјарди денари, од кои признати побарувања се околу една милјарда денари. На барање на доверителите стечајот на компанијата „Бетон” е отворен на 2 јули 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот